Почетна
Македонија

Младите волонтери на Црвен крст Велес го одбележаа јубилејот на ПХВ и помагаа на ранливи групи

На трибината во Велес истакнато дека волонтерските проекти полни празнини оставени од институциите и помагаат ранливи групи.

·Македонија
Младите волонтери на Црвен крст Велес го одбележаа јубилејот на ПХВ и помагаа на ранливи групи

Младите волонтери на Црвениот крст во Велес на трибина посветена на 30 години од активноста на програмата Промоција на хумани вредности (ПХВ) говореа за помошта што ја даваат на ранливи групи и за празнината која често ја оставаат државните институции.

Три децении практична помош

Учесниците истакнаа дека повеќе од илјада волонтери од градот, во овие три децении, преку стотина проекти помогнале на приближно ист број граѓани од ранливи категории. Деца на 15 години работат и создаваат проекти со кои помагаат на лица, семејства и заедницата каде возрасните не успеале да реагираат.

„Ова што вие го работите, а и ние пред 10-15 години, е обврска на државата и општеството. Ако немате претстава што сте направиле, замислете што би било кога тоа што го сработивте не би постоело. За жал, сите институции не се погрижиле за овие целни групи, туку вие, млади, со вашето слободно време, со вашите активности, со вашиот ентузијазам, сте завршиле работа која требало да ја направат возрасните. Затоа бидете горди сами на себе и на вашите дела“, рече Пенчо Андреевски, поранешен активист и волонтер на Општинската организација на Црвениот крст во Велес.

Годинава волонтерите на ПХВ во Велес работеле на пет проекти: еден за опремување на детска соба за три деца од семејство на кое му изгорела куќата; вториот е интеркултурен проект меѓу млади од различни вероисповеди; третиот беше реновирање на простор каде младите волонтери се дружат и престојуваат; четвртиот е за издавање книга за лица со оштетен вид; а петтиот е еколошки — поставување урбана опрема пред просториите на Црвениот крст.

Кориснички и родители опишаа како персонално ги засегнала поддршката. „Јас сум мајка на лице со аутизам, кое, како и другите нему слични, се подзаборавени во општеството. Искрено, ми беше голема чест што некој помисли на него и воопшто на лицата со посебни потреби, дека некој сака да направи нешто за нив. Волонтерите помогнаа многу, максимално се дадоа во дружењето со мојот син, имаа голема емпатија и љубов, во сите ситуации и сите потреби“, кажа Амела Аризотова.

„Младите се вложуваат себеси, своето време, за да му помогнат некому, без за тоа да добијат некаков надомест, материјален, финансиски. Можеби не можеме да го промениме целиот свет, но затоа можеме малку да го подобриме светот на еден човек“, кажа волонтерката Марија Матева.

Д-р Кевица Шопова-Клифова, претседателка на Црвен крст Велес, им се заблагодари на сите кои низ годините работеле и им дале простор на идеите на младите. Од 21 до 27 септември трае Неделата на промоција на хумани вредности.

Фото: СДК.МК)

Поврзани написи