Молк од Китановиќ, полемика меѓу власта и опозицијата за Младиќ
Далибор Китановиќ останува без јавно објаснување дали ќе ги повлече ставовите за Ратко Младиќ или ќе си поднесе оставка; политичките партии продолжуваат со меѓусебни обвинувања.

И денеска нема одговор од директорот на Агенцијата за остварување на правата на заедниците, Далибор Китановиќ, по објавените фотографии и критиките дека со нив се велича ликот и делото на Ратко Младиќ. Китановиќ не соопшти дали ќе ги повлече своите ставови за Младиќ или ќе поднесе оставка од функцијата во Владата.
Нема нова реакција ниту на Фејсбук-страницата на Демократската партија на Србите во Македонија откако Владата побара од функционерите кои јавно го поддржаа Младиќ да ги повлечат своите ставови или да си поднесат оставки.
Меѓусебните обвинувања меѓу власта и опозицијата продолжуваат. Од СДСМ го повикаа премиерот Христијан Мицкоски да го расчисти прашањето и да се произнесе за ставовите на вицепремиерот Иван Стоилковиќ и на директорот Китановиќ. „Ако Мицкоски не се согласува со Стоилковиќ и Китановиќ, тогаш нека ги осуди нивните ставови и нека ги разреши. Ова е дел од поширока агенда, сценарио на Вучиќ кое Мицкоски ја спроведува и за која СДСМ предупредува. Создавање тензии, поделби меѓу граѓаните, етнички провокации и поделби, операција „Талог“ – изјави Кети Штерјова од СДСМ.
Од ВМРО-ДПМНЕ возвратија со обвинување дека СДСМ продолжува со хипокризија и со напади за наводни влијанија на српските служби, посочувајќи на случаи кои, како тврдат, покажуваат соработки на поранешни советници со српските разузнавачки структури. Партијата остро реагираше и на, како што ја нарекоа, хистеријата околу откажаниот концерт и обвини дека критиките се пренапумпани поради музички настап поврзан со Младиќ.
Раздорот се пресели и во албанскиот политички блок. Од ДУИ обвинија дека коалицијата ВЛЕН избегнува директно да се огради од вицепремиерот Иван Стоилковиќ и потсетуваат дека и институциите на Европската Унија го осудија глорифицирањето на воениот злосторник Ратко Младиќ, нагласувајќи дека тоа е во спротивност со европските вредности. „Но, очигледно, тоа воопшто не го интересира Иван Стоилковиќ, неговата партија и луѓето од оваа политичка структура, кои продолжуваат да ги глорифицираат и релативизираат најголемите злосторници на минатиот век во Европа, по Втората светска војна“ – соопштија од ДУИ.
Реакции пристигнаа и од помалите партии. Од ЗНАМ кажуваат дека личната и институционалната одговорност за јавно изнесените ставови треба да ја преземе самиот функционер, додавајќи дека не им е должност да реагираат според рокови што, како што велат, ги наметнува опозицијата. ЛДП, пак, ја осуди одлуката на Владата во овој случај и побараа Китановиќ веднаш да биде разрешен и против него да започне и кривична постапка. Сите реакции следат по објавите на социјалните мрежи на Китановиќ и на Демократската партија на Србите во Македонија со фотографии на кои е и Ратко Младиќ, што критичарите ги толкуваат како величање на неговата личност и дела.
Фото: прес-материјал од настанот