Почетна
Македонија

МОН: Тврдењата на СДСМ за „хајка“ се манипулација, инспекторатот работи по закон

МОН порача дека контролите се распределуваат според кадровскиот капацитет и ги отфрли наводите за политички притисоци врз директори.

·Македонија
МОН: Тврдењата на СДСМ за „хајка“ се манипулација, инспекторатот работи по закон

Министерството за образование и наука ги отфрли како манипулативни обвинувањата од опозициската СДСМ дека двајца инспектори од Државниот просветен инспекторат вршат хајка против директори на училишта.

МОН: Инспекциите се редовни и во рамки на законската надлежност

На прес‑конференција СДСМ ги посочи Мирјана Насковска и Тони Илиев како „инспектори од доверба“ на ВМРО‑ДПМНЕ. Од ресорното министерство соопштија дека структурата на Инспекторатот е иста како во времето на претходната власт и дека контролите кои ги врши се редовни.

„Основна законска надлежност на Државниот просветен инспекторат е да спроведува редовни контроли врз работењето на образовните установи и да постапува по претставки и иницијативи на граѓани, кои се распределуваат во зависност од моменталниот расположлив кадровски капацитет на институцијата. Секаде каде што ќе се констатираат неправилности, се преземаат соодветни мерки. Неверојатно е како оваа политичка партија секогаш застанува во одбрана на противзаконското работење и поддржува непочитување на правниот систем“, велат од МОН.

Во врска со случајот со СУГС „Панче Арсовски“ од Скопје, кој беше посочен на прес‑конференцијата, министерството соопшти дека во училиштето биле констатирани неправилности и дека е постапено согласно законските прописи, што СДСМ го толкува како политичка пресметка.

„Очигледно е дека нивната болка е што конечно образованието го добива потребното внимание од една Влада. Стопиран е слободниот падот и расчистен е хаосот кој го создадоа четири министри за образование во седумгодишното владеење на СДСМ“, додадоа од Министерството.

СДСМ претходно обвини дека двајцата инспектори вршат притисоци врз директори на средни училишта кои не се партиски послушници, вклучувајќи и обиди да ги натераат да поднесат оставки или да се повлечат пред истекот на мандатот. Министерството, пак, инсистира дека дежурствата и распределбата на предметите се вршат според расположливиот кадар и дека на секој констатиран пропуст се постапува по закон.

Фото: Архива

Поврзани написи