Од 15 ноември задолжително поседување зимска опрема за возилата во јавен сообраќај
Министерството за внатрешни работи ги утврди точните барања за зимски пневматици, длабочина на шарите и синџири за снег.

Од 15 ноември возилата кои учествуваат во јавен сообраќај на патиштата задолжително треба да поседуваат пропишана зимска опрема, соопшти Министерството за внатрешни работи.
Обврската произлегува од одредбите на Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата и од Законот за изменување на Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата, како и од Правилникот за задолжителна опрема на возилата.
Кои се барањата за зимска опрема
За моторни возила кои не надминуваат 3 500 килограми како зимска опрема се бараат: зимски пневматици на сите четири тркала со минимална длабочина на шарите на нагазниот слој по обем и широчина од 4 милиметри, или пак пневматици со летен профил на сите четири тркала со минимална длабочина на нагазниот слој од најмалку 4 милиметри, ако возилото во приборот поседува синџири за снег со адекватна големина за погонските тркала или други соодветни помагала.
За моторни возила со погон на четири тркала (4x4) се бара зимски пневматици на сите четири тркала со минимална длабочина на шарите од 6 милиметри. Пневматици со летен профил на сите четири тркала со длабочина на нагазниот слој од минимум 4 милиметри се дозволени ако возилото во приборот поседува синџири за снег; кога има постојан погон, синџири треба да има најмалку за задната осовина, а во случај на преклоплив погон, синџири треба да имаат на постојано вклучената осовина.
За моторни возила кои надминуваат 3 500 килограми потребни се зимски пневматици на погонските тркала со минимална длабочина на шарите од 6 милиметри. Пневматици со летен профил на сите четири тркала со длабочина на шарите од минимум 4 милиметри се прифатливи само ако возилото во приборот има синџири за снег со адекватна големина за погонските тркала или други соодветни помагала.
Автобуси и товарни моторни возила кои поради технички причини не можат да постават синџири за снег на погонските тркала треба да имаат зимски пневматици на погонските тркала и прирачен алат — лопата.
Зимски пневматици се оние пневматици кои на својата бочна страна имаат ознака "MS", "M+S", "M & S" и знак на снегулка на стилизирана планина со три врва. Согласно одредбите од Правилникот, во патниот сообраќај е забрането поставување на пневматици со клинци.
"Апелираме до возачите да се придржуваат кон законската обврска за поседување на зимска опрема бидејќи така овозможуваме непречено и безбедно одвивање на сообраќајот на патиштата во зимски услови," стои во соопштението од МВР.
Фото: прес-материјал од настанот


