Мостот „Генерал Михајло Апостолски“ наскоро ќе биде ставен во функција, вели градоначалникот на Скопје
Ѓорѓиевски вели дека пристапните улици се асфалтираат откако беше завршен процесот на експропријација и дека мостот ќе ги поврзе Аеродром и Гази Баба.

Градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, соопшти дека мостот „Генерал Михајло Апостолски“, кој ги поврзува општините Аеродром и Гази Баба, наскоро ќе биде ставен во функција и дека се работи на финализација на поврзувањето со сообраќајната мрежа.
Во објава на својот фејсбук-профил градоначалникот наведува дека веќе се асфалтираат пристапните улици и дека се реализираат последните градежни активности за пуштање на мостот во употреба.
„Мостот што граѓаните го нарекуваа 'мост за ловење риба', конечно ќе ја добие својата вистинска намена. Претходно, го решивме процесот на експропријација неопходен за пристапите, заглавен од претходните раководства, ја ослободивме трасата и сега работиме за мостот наскоро да ги поврзе двете соседни општини“, пишува Ѓорѓиевски во објавата.
Работи на преостанатите делови од булеварот
Градоначалникот додава дека паралелно тече и постапка за експропријација на преостанатиот дел од булеварот до неговото целосно завршување и дека целокупната реализација ќе придонесе за подобра поврзаност и сообраќајна инфраструктура во главниот град.
Изградбата на мостот започна во 2020 година, во мандатот на тогашниот градоначалник Петре Шилегов, како дел од проектот за продолжување и проширување на булеварот АСНОМ, со цел поврзување на општините Аеродром, Гази Баба и Центар. Конструкцијата на мостот беше завршена во наредните години, но неговото пуштање во употреба било одложено поради нерешени имотно-правни прашања и експропријации.
Во телевизиско гостување во средината на септември, Ѓорѓиевски изјави дека засега мостот нема да добие булеварско поврзување и дека до трговскиот центар „Ист гејт“ ќе се пристапува преку пристапните улици.
Фото: Принтскрин од видео објавено од градоначалникот на Скопје, О


