МППС ѝ побара на Владата итна национална стратегија против сиромаштијата
Платформата испрати отворено писмо на 17 октомври и побара шест приоритетни мерки за борба против сиромаштијата.

Македонската платформа против сиромаштија (МППС) испрати отворено писмо до Владата на Република Северна Македонија на 17 октомври, меѓународниот ден за искоренување на сиромаштијата, со барање за итни мерки за намалување на сиромаштијата и социјалната исклученост.
Во писмото, Платформата ја повика Владата да донесе сеопфатна национална стратегија против сиромаштијата по примерот на Европската стратегија за целосно искоренување на сиромаштијата до 2050 година. "Повторуваме дека намалувањето на сиромаштијата е политичка одлука и директно зависи од креирање и имплементирање на соодветни, сеопфатни и достоинствени политики, кои не ја третираат сиромаштијата како случајност или личен неуспех, туку како системски проблем што може и мора да се реши", велат од МППС.
Шест клучни барања
МППС ги наведува следниве шест приоритети кои, според организацијата, треба веднаш да се спроведат:
- Итно спроведување на Европската гаранција за децата, воведување универзален детски додаток и мерки за превенција на детската сиромаштија;
- Вклучување на домувањето во социјалните политики, со фокус на домувањето како човеково право, превенција на бездомништво, достапно домување за младите и заштита од нереални цени и незаконски практики;
- Развој и унапредување на услуги за ранливите категории, вклучително вложувања за зголемување на пристапот до градинки, социјални услуги за деца со попреченост и услуги за нега на стари лица;
- Намалување на сиромаштијата меѓу вработените преку доследна имплементација на механизми за заштита и надзор на работничките права;
- Усвојување политики за намалување на плаќањата од џеб во здравството;
- Развој на мерки за постарите лица, вклучувајќи флексибилни патеки за пензионирање, соодветност на пензиите, поддршка за активно стареење и пристап до квалитетни услуги за нега и интервенции за социјална инклузија.
Платформата посочува статистички податоци за да го илустрира опфатот на проблемот: речиси 22 отсто од граѓаните живеат под линијата на сиромаштија; 29,5 отсто од децата живеат во сиромаштија; 38 отсто од децата се во состојба на повеќедимензионална сиромаштија која го загрозува нивното здравје, учење, безбедност и развој. Само 19 отсто од домаќинствата со деца примаат детски и семејни додатоци, во споредба со 88 отсто во Европската Унија.
Со писмото, МППС ја повика Владата да го смени пристапот и да третира сиромаштијата како системски предизвик кој бара политички решенија и итна примена на предложените мерки.
Фото: Принтскрин


