Муцунски: ЕУ бара реформи и национален консензус, не само политички ветувања
Муцунски вели дека прашањето со Бугарија е значаен, но не и единствен елемент од патот кон ЕУ.

Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, порача дека европската интеграција бара конкретни реформи, градење доверба и национален консензус, а не само политички ветувања и утврдени рокови.
Муцунски истакна дека билатералното прашање со Бугарија е значаен дел од процесот, но не и единствена обврска на земјата кон ЕУ.
„Потребен нѝ е национален консензус околу процесот на европска интеграција. И тоа опфаќа низа на прашања меѓу коишто е и прашањето со Бугарија. Тоа е значаен дел, но не е единствен елемент. Јас не сметам дека ние треба да се врзуваме со датуми, дека ние треба да се врзуваме со политички ветувања, туку ние треба да го правиме она што е најзначајно за нас како држава – прво да ги направиме овие реформи, бидејќи на нас нѝ се потребни како општество, а исто така рационално да работиме да создаваме доверба со Бугарија како сосед и ако има желба и интерес од другата страна да најдеме некое решение коешто ќе ги подобри билатералните односи и ќе остави простор ние да имаме заедничка иднина“, изјави Тимчо Муцунски, министер за надворешни работи и надворешна трговија.
Извештајот на ЕК: нотирани области со напредок, но владеењето на правото останува предизвик
Според извештајот на Европската комисија, објавен пред два дена, земјата покажува добро ниво на подготвеност во повеќе сектори, но владеењето на правото останува клучна област за почеток на преговорите за проширување.
„Извештајот особено посочува дека има добар степен на подготвеност во надворешната и безбедносната политика, како и во областа на образованието и науката. Дигиталната трансформација е една од областите со добар степен на подготвеност и имаме извесно до умерено ниво во сферата на владеење на правото, што е од суштинска важност за почеток на преговорите за проширување“, рече Бен Нупнау, заменик амбасадор на делегацијата на ЕУ во Македонија.
Реформите во правосудството остануваат во центарот на агендата. „Новиот Кривичен законик оди во пакет со Законот за кривична постапка и тие се дел од реформската агенда. Тие се во финална фаза. Тоа е сериозен и значаен реформски чекор во делот на правосудството“, рече Ален Деребан, заменик министер за правда.
Министерката за образование и наука, Весна Јаневска, посочи дека новите законски решенија за високото образование и за научноистражувачките активности треба да придонесат за зголемување на квалитетот и усогласување со европските стандарди.
Реформите и оценките од извештајот ќе останат во фокусот на домашната политичка и институционална дебата додека земјата се подготвува за следните чекори на евроинтеграциите.
Фото: прес-материјал од настанот


