Муцунски: ЕУ-членките мора да ги почитуваат стандардите за владеење на правото
Министерот рече дека процесот на евроинтеграција треба да биде кредибилен и заснован на заслуги, додека дијалогот со Софија ќе продолжи.

Министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски изјави дека очекува процесот на пристапување кон Европската Унија да биде кредибилен, предвидлив и заснован на заслуги, и повика земјите членки на ЕУ да ги почитуваат стандардите за владеење на правото. Тој ги кажа овие зборови на заедничката прес-конференција со словачкиот министер Јурај Бланар.
Муцунски се осврна на случајот со Ива Михајлова и оцени дека е непристојно една земја членка да станува прибежиште за лица осудени за кривични дела или за оние за кои се водат судски постапки.
"Навистина е непристојно една земја членка на Европската Унија да станува прибежиште за оние што или се осудени за сторени кривични дела или се лица за кои има степен на сомнеж и се водат постапки во рамките на судовите во државата" – рече министерот.
Потреба од консензус околу европскиот пат
Тој нагласи дека дијалогот со Софија ќе продолжи, но дека напредокот на евроинтеграциите зависи од консензусот на сите земји членки. Муцунски потсети на неодамнешна средба во Црна Гора со францускиот министер за европски прашања и рече дека оваа тема ја разгледувал и за време на разговорот со Бланар.
" Дијалог има и тој ќе продолжи. Пред неколку дена во Црна Гора се сретнав со францускиот министер за европски прашања, при што, меѓу другото, дискутиравме и за оваа тема. Денес, тука е колегата Јурај и ова беше една тема за која активно разговаравме бидејќи, нели, за сите одлуки поврзани со нашата европска интеграција е потребен консензус. Што значи, какво било решение за кое работиме со Бугарија да го постигнеме, кое хипотетички би било на линија на нашите позиции, одржливо решение, е потребно да има консензус од сите земји членки. Така што, дијалог со Бугарија има, дијалог со европските институции во врска со ова прашање има и дијалог со сите земји членки на Европската Унија. Ќе продолжиме да работиме на тоа прашање бидејќи ние во однос на европскиот пат немаме никаква алтернатива" – рече Муцунски.
Тој додаде дека во моментов нема планирана средба со бугарската колешка Велислава Петрова.
Фото: прес-материјал од настанот


