Софија ја затвора вратата за промена на условите, Скопје бара гаранции од Брисел
Софија очекува исполнување на обврските; Скопје бара гаранции од ЕУ додека партиите разменуваат обвинувања.

Од Софија доаѓа поракa дека вратата за дијалог со Северна Македонија останува отворена, но условите за напредок нема да се менуваат. Ова следува откако министерот Муцунски побара поголемо присуство на Европската унија во идните разговори со Бугарија, а официјална Софија повторува дека очекува земјата да ги исполни преземените обврски.
Бугарското Министерство за надворешни работи ја потврди својата поддршка за улогата на Европската комисија во оценувањето на напредокот на земјите-кандидатки.
„Процесот на пристапување на Северна Македонија во ЕУ е европско прашање кое треба да се решава во рамките на европските институции и во согласност со утврдените правила и процедури. Очекуваме Северна Македонија да ги исполни своите обврски и да ги започне потребните промени за да продолжи напред по својот европски пат“, велат од МНР на Р. Бугарија.
Политички реакции и шири контекст
Според универзитетскиот професор д-р Александар Спасов, отсуството на поцврст политички консензус во ЕУ делумно ја објаснува неизвесноста во динамиката на проширувањето. „Зошто ја нема поддршката од Европа? Не затоа што Европа не ги сака земјите од Западен Балкан или не ја сака Северна Македонија, ниту пак затоа што некој има нешто длабоко против нас. Причината е што Европската унија, односно главните европски земји, убеден сум дека во моментов не знаат што сакаат во однос на Западен Балкан, како и на Источна Европа, Украина и Молдавија. Додека Европа повторно не се пронајде себеси, тешко дека можеме да зборуваме за постигнување политички консензус за проширувањето на ЕУ“, вели д-р Александар Спасов, универзитетски професор.
Од опозицијата предупредуваат дека состојбата со реформите може да влијае врз евроинтегративниот пат на земјата. На средбата со француски сенатори, претседателот на СДСМ, Венко Филипче, изрази сериозна загриженост и посочи дека забелешките за работата на Владата веќе се нотирани во извештаите на Европската комисија, особено во делот на владеењето на правото и правосудството.
„Ако оваа Влада обезбеди подобри услови во преговорите или гаранции дека во иднина нема повторно да бидеме блокирани на евроинтегративниот пат, ние тоа ќе го поддржиме. Но, се поставува прашањето – што доколку нема и не се обезбедат гаранции?! И до кога ќе се обидуваат да се обезбедат некакви гаранции затоа што времето поминува“, кажа Венко Филипче, претседател на СДСМ.
Владејачката ВМРО-ДПМНЕ ги отфрли обвинувањата и возврати со критики до СДСМ и Филипче: „СДС и Венко Филипче продолжуваат со лажната грижа за граѓаните. Лицемерието на Филипче и СДС оди до таму што велат дека бил загрозен македонскиот идентитет и дека Македонија била во изолација“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Во меѓувреме, во ЕУ се разгледуваат нови модели на проширување со постепена интеграција и конкретни придобивки пред полноправното членство. Француско-германскиот нон-пејпер е една од иницијативите, додека група земји членки инсистираат на третирање на земјите кои пристапуваат без третирање како членки од втор ред.
Фото: прес-материјал од настанот


