МВР поднесе пријава: вработена осомничена за фалсификување возачки дозволи
Одделот за внатрешна контрола при МВР пријави шест лица, меѓу кои и помлад советник, за менување податоци и незаконско додавaње категории во електронскиот систем.

Одделот за внатрешна контрола при МВР поднел кривична пријава до Основното јавно обвинителство Скопје против шест лица, меѓу кои и вработена во министерството, поради сомнение за фалсификување возачки дозволи.
Вработената работела како помлад советник за патни исправи во Одделението за управни работи Скопје и е осомничена дека незаконски менувала податоци во електронскиот систем и додавала возачки категории за кои лицата не ги исполнувале законските услови.
Според МВР, дејствијата биле извршувани од почетокот на 2025 година до 24 август 2026 година.
Како се случило
Од истрагата произлегува дека осомничената, користејќи ја својата шифра, наводно одобрувала барања и овозможувала издавање возачки дозволи со незаконски додадени категории. Едно од пријавените лица, според наводите, ја користело дозволата со незаконски додадена категорија „А“ за управување мотоцикл и со неа ја преминало државната граница.
МВР наведува дека против петмината други пријавени лица се поднесени пријави за фалсификување исправа, а против едно лице и за употреба на исправа со невистинита содржина. За вработената ќе биде поведена и постапка за утврдување дисциплинска одговорност, а таа веќе е суспендирана од работното место до завршување на дисциплинската постапка, информира МВР.
Фото: прес-материјал од настанот


