Петмина под истрага по тепачка меѓу таксисти пред Аеродромот-Скопје
Полицијата соопшти дека петмина учествувале во инцидентот и дека по истрагата ќе следуваат соодветни пријави.

Снимки објавени на профил на социјални мрежи покажуваат физичка пресметка меѓу две групи таксисти пред аеродромската зграда на Меѓународниот аеродром Скопје, додека полицајци се обидувале да ги раздвојат, а патници што штотуку слетале гледале од блиску.
"-На 21.11.2026 во 14:40 часот во СВР Скопје е пријавено дека на Меѓународен Аеродром-Скопје бил нарушен јавниот ред и мир со физичка пресметка помеѓу Ш.Б.(56), А.Б.(37) и Б.Б.(33) сите од Скопје од една страна и Х.Л.(55) и А.Л.(30) двајцата од с.Ќојлија,скопско од друга страна. По целосно документирање на случајот ќе следува соодветен поднесок, одговорија од МВР."
Од Министерството за внатрешни работи потврдија дека пет лица учествувале во тепачката и дека во моментов се води истрага, по што ќе следуваат соодветни пријави.
Кој има право да работи пред аеродромот
Аеродромот е на територија на општина Петровец. Таму со општинска лиценца и дозвола од аеродромските служби функционира такси-компанија со бели мерцедеси која е овластена единствено да превезува патници од аеродромот кон Скопје и кон други градови. Во соопштението е истакнато дека останатите скопски таксисти во голем дел само довезуваат патници до аеродромот и не можат да остануваат во делот означен за такси пред зградата.
Како алтернатива за превоз до Скопје, постои и автобуска линија која ги поврзува аеродромот и градот.
Полицијата ја документира ситуацијата и по завршување на истрагата ќе поднесе соодветна пријава, соопштија надлежните.
Фото: прес-материјал од настанот


