Почетна
Македонија

МВР: Сузбиена 21‑члена организирана криминална група за трговија со дрога и перење пари

Координирани претреси во Прилеп, Скопје и Струга; поднесени пријави против 21 лице.

·Македонија
МВР: Сузбиена 21‑члена организирана криминална група за трговија со дрога и перење пари

По повеќемесечно криминалистичко истражување, Министерството за внатрешни работи спроведе координирана акција и ја сузби 21-члена организирана криминална група инволвирана во недозволена трговија со дрога и економски криминал, соопшти МВР.

Претреси, лишувања од слобода и заплени

Постапувајќи по судски наредби, извршени се претреси кај 31 лице, на вкупно 36 локации — 33 на подрачје на Прилеп, две на подрачје на Скопје и една на подрачје на Струга. При претресите од слобода се лишени 20 лица, а пронајдено и одземено е: тревкаста материја, бела прашкаста материја, грутчеста материја, гасен пиштол, муниција од различен калибар, поголема сума на девизни и денарски парични средства, патнички возила, мотоцикли, мобилни телефони, метална дробилка, метален детектор, ваги и други предмети.

Акцијата ја спроведе Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал во соработка со Управата за финансиско разузнавање и Одделот за специјални полициски операции, под раководство на јавен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција.

Единицата за насилен криминал, крвни деликти и недозволена трговија со оружје и опасни материи поднесе кривична пријава против вкупно 21 лице. Дваесетмина се од Прилеп и тоа: Н.В. (38), М.И. (35), Б.И. (62) и М.С. (29) за „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори" (член 215 ст.3) и „перење пари и други приноси од казниво дело" (член 273) и против М.С. (27), Д.К. (40), В.С. (40), А.Д. (29), Д.Ј. (35), Х.С. (28), Д.С. (19), Ф.З. (22), А.З. (25), В.Н. (22), А.М. (23), А.И. (20), В.А. (24), Д.Ѓ. (43), Р.С. (45) и Ј.Н. (44) за „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори" (член 215 ст.3). Против лицето Т.Д. (75) од Скопје е поднесена пријава за „перење пари и други приноси од казниво дело" (член 273).

Според истрагата, во периодот од февруари 2026 до октомври 2026 година Н.В. и М.С. создале организирана криминална група со цел трговија со дрога и оружје и вршење економски криминал. Н.В. ја набавувал дрогата (кокаин и марихуана) од НН лица по потекло од Албанија, Струга и Дебар, ја држел на безбедни локации во Скопје и Прилеп и ја распределувал преку мрежа препродавачи — Д.К., А.Д., Д.Ј., В.С., Д.С., А.З., А.М., А.И., В.А., Р.С. и Ј.Н. — кои ја продавале на купувачи во Прилеп, Битола, Кавадарци, Неготино, Велес и Скопје. Според пријавата, дрогата се продавала по цена од 500 до 800 денари за грам марихуана и 4.000 до 6.000 денари за грам кокаин, а парите од продажбата им ги давале на Н.В., кој им давал дел како награда што подоцна се користел за купување движен и недвижен имот.

Исто така, М.С. ја набавувал дрогата (кокаин и марихуана) од НН лица по потекло од Дебар и Гостивар, ја чувал на безбедни локации во Прилеп и ја дистрибуирал преку мрежа на препродавачи — Д.К., Ф.З., Х.С., В.Н., А.М. и А.И. — кои ја продавале на купувачи од Прилеп, Битола, Кавадарци, Неготино и Велес по исти цени, а приходите им ги предавале на М.С., кој им исплаќал дел како награда.

МВР информира дека во периодот од 2025 до 2026 година Н.В., М.И., Б.И. (кој е во притвор во Франција за кривично дело по член 215 од КЗ), М.С. и Т.Д. внесувале парични средства кои знаеле дека потекнуваат од „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори" во легалниот платен промет со цел да го прикријат нивното потекло и движење — парични средства во вкупен износ од 4.990.270 денари и 64.670 евра.

Фото: прес-материјал од настанот

Поврзани написи