МВР: видеоповици и боди камери до средината на 2027 — Мрежата го стави Тошковски на „Ѕидот на срамот“
МВР најави можност за видеоповици и боди камери до средината на 2027; Мрежата за заштита од дискриминација бара усвојување на измени до 10 декември.

Министерството за внатрешни работи најави низа мерки за зајакнување на заштитата од насилство: потенцијални жртви ќе можат да воспоставуваат видеоповици со МВР и ЦУК, а полициските службеници ќе добијат т.н. боди камери до средината на 2027 година.
Тошковски ги опиша алатките, невладините бараат рокови
Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, рече дека видеоповиците ќе им овозможат директна комуникација на потенцијалните жртви со Министерството и со Центарот за управување со кризи, а дека боди камерата ќе стане дел од основната опрема на полициските службеници.
Панче Тошковски – министер за внатрешни работи
„Од една страна цениме дека ќе се поткрене апсолутно професионалниот одговор од страна на полициските службеници, но од друга страна ќе биде корисно во рамки на доказните постапки кои ги имаме и во идни чекори се спроведуваат од страна на јавно обвинителство а судот носи соодветна одлука врз основа на истите. Да ја поткренеме не само брзината, туку и квалитетот на доказниот материјал."
Во меѓувреме, Мрежата за заштита од дискриминација почна иницијатива со која ги прозива носителите на јавни функции чијашто постапка влијае врз превенцијата на насилството и заштитата на жените. Кампањата првично го стави во фокус претседателот на Собранието, Африм Гаши, поради тоа што предлог-измeните сè уште не се најдени на дневниот ред.
Денеска на т.н. „ѕид на срамот" се најде и министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски. Од МЗД бараат министерот да се заложи за усвојување на законските измени до 10 декември и јавно да објави конкретни рокови за подготовка и доставување на измените на останатите седум закони до Собранието.
„Седум фемициди. Осум закони предвидени за измени. Ниту еден досега не е изменет. Продолжуваме со нашиот „Ѕид на срамот", упатувајќи јавни прашања до Панче Тошковски, министер за внатрешни работи. По убиствата на Ивана и Катја, во март годинава беше формирана работна група за измени на осум закони со цел подобрување на системот за спречување и заштита од насилство врз жените. Осум месеци подоцна, измените на само еден закон се поднесени во Собранието, а ниту тие не се усвоени. Министре Тошковски, каде се резултатите од работата за која сте задолжени? Што презедовте за усвојување на законските измени во чија подготовка и самите учествувавте?"
На почетокот од кампањата „16 дена активизам против родово базираното насилство", неколку граѓански организации повикаа на итно усвојување на предложените измени на Законот за спречување и заштита од насилство врз жените и семејното насилство.
Фото: прес-материјал од настанот


