МВР засилено контролира возачи за користење телефони до 11 октомври
Акцијата е дел од меѓународната ROADPOL кампања „Focus on the Road“ која ќе трае од 5 до 11 октомври 2026 и опфаќа 34 европски држави.

Министерството за внатрешни работи спроведува засилени сообраќајни контроли насочени кон непрописна употреба на мобилни телефони, слушалки и други електронски уреди при учество во сообраќајот. Акцијата се реализира од 5 октомври 2026 година до 11 октомври 2026 година, соопшти МВР.
Дел од меѓународна иницијатива
Контролите се дел од меѓународната кампања на ROADPOL „Focus on the Road“ што истовремено се спроведува во 34 европски држави. Целта е намалување на ризиците предизвикани од одвлечено внимание и зголемена безбедност за сите учесници во сообраќајот.
"Пишувањето пораки, телефонските разговори, проверувањето известувања или користењето социјални мрежи додека управуваме возило го одвлекуваат вниманието од патот. Доволни се само неколку секунди невнимание за возачот да пропушти навреме да забележи опасност и да реагира" - велат од МВР.
На патиштата низ земјата полицијата ќе поставува контролни точки и ќе ги засили патролите, со посебно внимание кон возачите кои користат уреди во рака или слушалки. Правилата ќе се применуваат ригорозно, а прекршителите ќе бидат санкционирани.
"Не дозволувајте еден поглед кон екранот да биде причина за сообраќајна трагедија. Возете внимателно – гледајте го патот. Телефонот оставете го за подоцна" - апелираат од МВР и ги повикуваат сите учесници да бидат одговорни.
Одговорните институции потсетуваат дека секоја концентрација и внимание на патот ја намалува шансата за несреќи и ги повикуваат пешаците и велосипедистите да бидат внимателни во близина на возила за време на засилените контроли.
Фото: прес-материјал од настанот


