Почетна
Македонија

МЗШВ ќе бара проверка на откупот на земјоделските производи

Министерството најави иницијатива до регулаторот поради состојбите со откупот на пиперката, оризовата арпа и грозјето вранец.

·Македонија
МЗШВ ќе бара проверка на откупот на земјоделските производи

Земјоделците од струмичкиот регион велат дека голем број семејства се оставени сами на себе, без институционална интервенција и без исплатени субвенции, и дека цените за годинашниот род не ги покриваат основните трошоци. Тие истакнуваат дека килограм пиперка чини колку една евтина чоколадна бананка во продавница.

Министерството ќе побара проверка од Комисијата за заштита на конкуренцијата

Од Месното здружение на млади Муртино порачаа: "Како градинари веќе повеќе од месец дена се соочуваме со катастрофално ниски цени, изманипулирани и принудени да работиме во тотална загуба, а од институциите ништо друго не видовме освен театар, осмислени одлагања и лажен пиар." Тие додаваат дека повеќекратните повици до министерот Борче Серафимовски да даде отчет за интервентните активности околу цената и откупот на црвената пиперка останале без одговор.

Протестите во Струмица кои траеја неколку дена се однесуваа на откупната цена на пиперката за ајвар, при што министерот за земјоделство Борче Серафимовски денеска изјави дека основниот проблем е во класификацијата на пиперката.

Анализите на откупот на пиперката, оризовата арпа, грозјето од сортата вранец и на други земјоделски производи покажале дека е потребен поширок институционален одговор, поради што Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство оваа недела ќе поднесе иницијатива до Комисијата за заштита на конкуренцијата поради состојбите со откупот на земјоделските производи. Министерот нагласи дека покрај редовните контроли на Државниот инспекторат за земјоделство, Министерството ќе ги активира и другите законски механизми што му стојат на располагање.

Според најавата од Министерството, мерката има за цел независно и стручно да ги провери фактите и да ги мобилизира расположливите институционални капацитети. Земјоделците најавуваат дека ќе продолжат да бараат конкретни, навремени решенија и исплата на заостанатите субвенции.

Фото: прес-материјал од настанот

Поврзани написи