Почетна
Македонија

МЗШВ поднесува иницијатива до Комисијата за заштита на конкуренцијата поради откупот на земјоделски производи

Министерот Борче Серафимовски најави проверка за евентуално недозволено договарање, злоупотреба на пазарна моќ и нефер практики во откупот.

·Македонија
МЗШВ поднесува иницијатива до Комисијата за заштита на конкуренцијата поради откупот на земјоделски производи

Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство (МЗШВ) најави дека во текот на оваа недела ќе поднесе образложена иницијатива до Комисијата за заштита на конкуренцијата, со цел дополнителна проверка на состојбите во откупот на земјоделските производи, соопшти денеска министерот Борче Серафимовски.

Поширока институционална проверка

Анализите на откупните текови за пиперката, оризовата арпа, вранецот и други земјоделски производи укажале на потреба од системски пристап, па покрај редовните контроли на Државниот инспекторат за земјоделство, МЗШВ ќе ги активира и другите законски механизми.

„Врз основа на утврдените факти, во текот на оваа работна недела ќе доставиме образложена иницијатива до Комисијата за заштита на конкуренцијата, која како независен орган ќе оцени дали постои основа за постапување согласно Законот за заштита на конкуренцијата и Законот за забрана на нефер трговски практики во синџирот на снабдување со земјоделски и прехранбени производи“, изјави Серафимовски.

Министерот појасни дека проверките нема да се сведуваат на поединечни контроли на откупни пунктови, туку ќе се анализира целокупното функционирање на пазарот. Од Комисијата ќе се бара да утврди дали постојат индиции за недозволено договарање меѓу откупувачите, злоупотреба на пазарна моќ или примена на нефер трговски практики на штета на производителите.

„Нема однапред да прогласуваме одговорност, но ќе ги мобилизираме сите расположливи институционални капацитети за фактите да бидат независно и стручно проверени“, додаде тој.

Целта, како што стои во соопштението од министерството, е да се заштитат земјоделците преку комбинирање на редовните инспекциски активности со независна проценка на можни повреди на правилата за конкуренција и нефер трговски практики.

Фото: прес-материјал од настанот

Поврзани написи