На Кејот на Вардар почна замена на оштетени плочки од Лисиче до Влае
Градот ја уредува пешачката зона, обновува зеленилото кај плоштад „Македонија“ и поставува урбана опрема.

Град Скопје започна акција за целосно уредување и санација на пешачката зона долж кејот на реката Вардар, на потегот од Лисиче до Влае.
Во рамки на активностите се вадат и се заменуваат уништените и оштетените подни плочки, се нивелираат нерамните делови и се санираат забележаните оштетувања долж пешачката патека. Целта е кејот да биде повторно безбеден, функционален и уреден простор достапен за сите генерации.
Обновено зеленило и нови содржини
Зелената површина кај плоштадот „Македонија“ е освежена со нови насади, а пешачката патека во тој дел се обновува. Во претходниот период се изградени нови спортски терени и на кејот се поставува современа урбана опрема.
Градските власти ја дефинираат оваа интервенција како дел од пошироките активности за враќање на животот и содржините во просторот покрај Вардар. Паралелно трае и голема акција за темелно расчистување на коритото на реката Вардар на територијата на Скопје.
Според градоначалникот Орце Ѓорѓиевски, кејот е пулсот на Скопје каде секојдневно престојуваат илјадници граѓани и неговото уредување, одржување и развој остануваат меѓу приоритетите на градот.
Деновиве екипи од градските претпријатија насадиле повеќе десетици дрвца долж големата зелена површина помеѓу плоштадот „Македонија“ и Градскиот трговски центар, каде истовремено се обновуваат и плочките од пешачката патека.
Фото: Град Скопје