Почетна
Македонија

Националниот конзерваторски центар: немаме надлежност да ги оценуваме челичните конструкции на „Македониумот“

Конзерваторскиот центар вели дека не може да ги верификува мерките што ги презел друг надлежен орган; челичните рамки ќе се постават на сите осум галерии до 1 август и чинат 89,5 илјади евра.

·Македонија
Националниот конзерваторски центар: немаме надлежност да ги оценуваме челичните конструкции на „Македониумот“

Националниот конзерваторски центар – Скопје соопшти дека нема законска надлежност да оцени веќе преземени привремени мерки за заштита од друг надлежен орган, откако Управата за заштита на културното наследство му даде рок од три дена да утврди дали челичните конструкции што се поставуваат на споменикот Македониум во Крушево го оштетуваат објектот и дали се прифатливи од стручен аспект.

„Центарот нема законска надлежност да врши верификација или оценување на веќе преземени привремени мерки за заштита, спроведени од друг надлежен орган. Поради тоа не може да ја потврдува или да ја оспорува нивната стручна оправданост, туку ќе постапува исклучиво во рамките на своите законски овластувања“, рече Александар Јорданоски - директор на Национален конзерваторски центар - Скопје.

Управата од Скопје барала проверка по инспекциски наод

Управата за заштита на културното наследство го задолжи Конзерваторскиот центар да ги провери челичните конструкции откако нејзини инспектори, по реакциите во јавноста, оваа недела беа на терен и констатираа дека интервенцијата е незаконска, дека Управата не дала одобрение и дека единственото што е издадено лани е решението за прогласување на споменикот за културно добро во опасност, кажа директорката Честоева.

Од Завод и музеј – Прилеп, надлежен за споменикот, велат дека интервенцијата е временa превентивна заштитна мерка, наведена во точка 2 од решението за прогласување на доброто во опасност, и оти кога културното наследство е во опасност, согласно членови 43 и 59 од Законот за заштита на културното наследство, не е потребно конзерваторско одобрение бидејќи не се работи за конзервација, реставрација или санација на објектот.

Според Заводот, челичните конструкции кои треба да го заштитат споменикот од атмосферски влијанија ќе бидат наместени на сите осум галерии со стакло и витражи до 1. август. Чинат 89,5 илјади евра.

„Македониумот“ е споменик од прва категорија, откриен 1974 година. Негови автори се архитектите Јордан и Искра Грабул.

Фото: прес-материјал од настанот

Поврзани написи