Почетна
Македонија

Нацрт-просторниот план до 2040: депопулацијата ќе продолжи, предвидени железнички врски до Битола, Охрид и Струмица

Анализите презентирани во Битола покажуваат продолжување на намалувањето на населението и мерки за поврзување на отдалечените градови преку железница.

·Македонија
Нацрт-просторниот план до 2040: депопулацијата ќе продолжи, предвидени железнички врски до Битола, Охрид и Струмица

На презентацијата во Битола за Нацрт-просторниот план на Македонија до 2040 година беше презентирано дека депопулацијата ќе остане доминантен демографски тренд, при што само Скопскиот и Полошкиот Регион покажуваат повисока концентрација на население која нема да го преобликува вкупниот пораст.

Експертите предупредија на негативен природен прираст во сите плански региони, стареење на населението, интензивни миграции и сè поголема концентрација во Скопскиот Регион, што дополнително ја продлабочува демографската и економската поларизација.

„За да се промени ваквата состојба, пред сè е значајна конзистентна демографска политика со различен сет мерки, меѓу кои и полесно решавање на станбеното прашање, особено за младите генерации, подобри можности за вработување, здравствена заштита и сè што може да влијае на задржување на населението во матичната средина и намалување на миграцијата. Потребни се и мерки за намалување на демографскиот јаз меѓу Скопскиот и другите региони“, рече Душица Трпчевска-Ангелковиќ од Агенцијата за планирање на просторот.

Анализите покажуваат дека речиси половина од населените места во државата имаат до 100 жители, но во тие места живее само околу еден процент од вкупното население. Голема концентрација на населението има во градските општини, додека техничката и социјалната инфраструктура и животната средина често се запоставени.

„Голема концентрација на населението има во градските општини, а се забележува и негрижа за техничката и социјалната инфраструктура и животната средина. Техничката инфраструктура, особено сообраќајот, е главен фактор за рамномерна просторна интеграција. Решенијата се остварливи само доколку сите засегнати страни дадат свој придонес и обезбедиме политичка поддршка“, додаде Трпчевска-Ангелковиќ.

Проблеми во руралните подрачја, суфицит на станови и железнички ветувања

Во руралните средини иселувањето е особено изразено: опаѓа интересот за земјоделство, се намалуваат обработливите површини, има ерозија и продолжена пренамена на земјиштето во градежно. И покрај поволните услови за органско производство, неговото учество во вкупното земјоделско производство е под еден процент. Експертите предупредија дека најголема опасност за иднината на земјоделството е намалениот интерес на младите за земјоделско производство.

Во областа на домувањето, интензивната изградба во минатиот период доведе до суфицит: бројот на станови ги надмина проекциите од претходниот просторен план за околу 114.000, а речиси една третина од становите се ненаселени. Пазарот на домување е речиси целосно препуштен на приватниот сектор, со мал број станови во државна сопственост.

Критиките од присутните се насочија кон регионалната инфраструктура. „Западна Македонија ја баталивте. Само Источна Македонија ја развивате. Ако се гледа патната инфраструктура, за Западна Македонија нема ништо. Оската на развој што ја имате во мапата оди кон источниот и јужниот дел, а на запад нема развој. Министерот го промовираше градскиот воз Битола-Прилеп, кој уште го нема. Од Битола до Скопје со воз патуваме 6 часа, ужас невиден, а од Битола до Прилеп со сегашниот пат што се гради, секој месец има сообраќајки, 4 часа ни треба да стигнеме до Скопје“, рече Љупчо Стојановски, експерт за животна средина со 40-годишно искуство.

Надлежните истакнаа дека Нацрт-просторниот план предвидува подобрување на железничката поврзаност, со цел Битола, Струмица и Охрид, како најоддалечени поголеми градови од Скопје, да бидат поврзани со Скопје, патувајќи 90 минути.

„За тоа треба да се изгради брза пруга на Коридорот 10-д, а од Градско да се направи девијација кон Росоман и Раец и со тунел под Плетвар да се стигне до Прилеп за околу еден час. Од Прилеп до Битола е потребна реконструкција на пругата, со брзина од 120 до 140 километри на час и електрификација. Така, Битола би била на околу 80 минути од скопскиот аеродром“, рече професор Зоран Каракутовски од Градежниот факултет. Во подолгорочен период во планот е и железничко поврзување на Битола со Ресен и со аеродромот во Охрид.

Фото: СДК.МК)

Поврзани написи