Над 30.000 домаќинства буквално преживуваат — најмногу погодени се малите општини
Филозофскиот факултет: малите и оддалечени општини како Чашка, Старо Нагоричане и Конче го чувствуваат најсилно ударот од сиромаштијата.

Околу 6 проценти од македонското население, или нешто над 30 илјади домаќинства, живеат во повеќедимензионална сиромаштија, покажува истражување на Филозофскиот факултет. Истражувачите предупредуваат дека сиромаштијата не е само празен паричник туку секојдневна пресметка што прво да се плати, а што да се остави за утре.
Мали и оддалечени општини под најголем притисок
Во помалите места проблемите се нагомилуваат: струја, греење, храна, лекови — едно се покрива, друго останува. На крајот, изборот на семејствата честопати е суров: лек или храна, оброк за децата или топол дом.
„Она што тие можат да си го задоволат се буквалното преживување. Од основните прехранбени производи кога ќе остане и с опозајмици и плаќања ана сметки и тоа малку што го имаат бидејќи голем дел од нив не можат да си дозволат ни загревање и други дополнителни трошоци. Кај семејствата со деца тоа прво во фокусот на потребите на децата дали се тоа здравствени, дли се тоа училишни потреби, многу малку од нив скоро воопшто кажаа дека не можат да си дозволат да одат еднаш годишно на одмор. Голем дел од нив велат веќе храната е проблем“, рече Маја Геровска Митев професор на Филoзофскиот факултет.
„Средната класа“ полека станува недостижна за сѐ поголем број граѓани, додава Билјана Дуковска од македонската платформа против сиромаштија: платата отпаѓа на сметки, храна и основни потреби, а заштедите остануваат само желба.
„Тешко е да се живее без пари“, велат граѓаните.
Истражувањето ја истакнува огромната просторна нееднаквост: во Чашка дури 71 процент од домаќинствата се соочуваат со повеќедимензионална сиромаштија, во Старо Нагоричане се 66%, а во Конче 58%. Кога училиште, лекар и можност за работа се далеку, сиромаштијата станува подлабока и потешка за надминување.
Фото: прес-материјал од настанот


