Почетна
Македонија

По 17 години: тим на ICAO ќе ја инспектира македонската цивилна авијација

Инспекцијата, на покана на Агенцијата за цивилно воздухопловство, треба да даде независна оценка и препораки за подобрување.

·Македонија
По 17 години: тим на ICAO ќе ја инспектира македонската цивилна авијација

По 17 години, тим инспектори на Меѓународната организација за цивилно воздухопловство (ICAO) во следните две недели ќе ја проверуваат усогласеноста на македонското цивилно воздухопловство со најновите меѓународни стандарди и регулативи.

Независна проверка како основа за унапредување на безбедноста

Инспекцијата се спроведува на покана на Агенцијата за цивилно воздухопловство и ќе вклучува проверка на процедури, документација и оперативни практики низ системот за цивилно воздухопловство.

Целта е да се добие независна оценка на примената на меѓународните барања, да се утврдат силните страни на системот, но и евентуалните недостатоци и области во кои се потребни подобрувања.

„Верувам дека независната и непристрасна инспекција е најдобриот начин да оцениме колку успешно ја извршуваме нашата работа и каде можеме дополнително да се подобриме. Имаме обврска и одговорност отворено и професионално да се соочиме и со наоди доколку такви бидат утврдени бидејќи објективното согледување на реалната состојба е единствен начин за изнаоѓање соодветни и одржливи решенија за подобрување на системот“, рече директорот на Агенцијата за цивилно воздухопловство, Драги Стојаноски.

Препораките од тимот на ICAO треба да послужат како основа за планирање на идни активности и унапредување на процесите со цел дополнително зголемување на безбедноста во македонското цивилно воздухопловство.

Фото: LazialeStojakovo / Wikimedia Commons (CC BY-SA 3.0)

Поврзани написи