Над 8.844 работни дозволи лани, но земјата има далеку поголема потреба од работници
Статистиката покажува раст на странски работници во последните години, но дел од стопанството смета дека тоа не е доволно.

Над 34.000 странци дошле на работа во Македонија во последните пет години, а Агенцијата за вработување лани издала 8.844 работни дозволи и мислења за вработување на странски државјани. Споредено со предпандемиската 2019 година, кога дошле 3.500 странци, бројката е за два и пол пати поголема.
Бизнис секторот постојано алармира за проблемот со недостиг на работници — предизвик што, како што велат компании, не е само локален туку глобален.
Приватниот сектор како дел од решението
„Мислам дека ние имаме простор со тоа што јас лично верувам дека имаме преголем број на луѓе во јавната администрација. И убеден сум, јас имам секојдневно контакти со луѓе од таму, тоа се прекрасни луѓе кои се голем дел професионалци, коишто сакаат да влезат во приватниот сектор. Ако мене ме прашате, одредена бројка од 40.000 луѓе коишто би можеле да дојдат во приватен сектор со некаква помош за компаниите што би ги земале, мислам дека тој притисок ќе се намали барем за следните 2-3 години бидејќи убеден сум дека сега приватниот сектор е поатрактивен од јавниот сектор“, вели Дарко Велков од „Вработување.ком“.
Владата предупреди дека поради иселувањето на младите и демографските трендови, до 2030 година земјата ќе има потреба од увоз на 50.000 странски работници годишно за да се одржи економскиот раст. Слични прогнози даваат и посредниците за вработување.
„Факт е дека 9.000 луѓе е многу малку. За економијата во Македонија по мене потребни се околу 40.000, 50.000, можеби и 60.000 луѓе коишто би работеле коишто фалат во моментов. Така веројатно и компаниите ќе можат да напредуваат“, вели Дарко Велков.
Во пракса, Македонија најчесто „увезува“ општи работници: во периодот од 2019 до 2026 година најголем број работни дозволи биле издадени за странци што дошле да работат во градежништвото, преработувачката индустрија, трговијата и угостителството.
Фото: прес-материјал од настанот


