Дното на Охридското Езеро повторно под опсада на отпад
Нуркачите и научниците предупредуваат дека натрупувањата од пластика и гуми го загрозуваат биодиверзитетот и здравјето.

Пластични шишиња, стари автомобилски гуми, распарчан текстил и друг цврст отпад повторно се насобираат на дното на Охридското Езеро и го загрозуваат животниот простор и биодиверзитетот на езерото, велат нуркачи и еколошки наблюдатели.
Нуркачот Никола Паскали предупредува дека и покрај постојаните апели кај дел од граѓаните свеста е на многу ниско ниво и дека езерото продолжува да се користи како канта за отпадоци. Тој ги посочува натрупувањата на дното како јасен доказ за проблемот.
Долго-рокови последици и ризици по ланецот на исхрана
На едно обично пластично шише му се потребни меѓу 450 и 500 години за целосно да се распадне, а автомобилските гуми ослободуваат тешки метали и микропластика повеќе од 80 до 100 години. Пластиката се распаѓа на микропластика и испушта токсични хемикалии кои преку рибите можат да завршат на нашите трпези.
Истражувањата покажуваат дека слатководните езера денес често имаат повисока концентрација на микропластика по километар квадратен дури и од познатите акумулации на отпад во океаните. Над 80% од тестираните слатководни риби во загрозените средини веќе имаат синтетички влакна или пластика во својот дигестивен систем.
Преку контаминирана вода и храна, просечниот човек неделно внесува околу 5 грама пластика – количина еднаква на тежината на една кредитна картичка. Експертите велат дека овие податоци ја потврдуваат сериозноста на заканата и потребата од итна реакција.
За да се избегне еколошка катастрофа и да се подигне јавната свест, потребни се итни и системски чекори: поригорозни контроли, соодветни казни, но и целосна забрана за користење на пластиката, велат активисти и стручњаци.
Фото: прес-материјал од настанот


