Преспа на крстопат — агрометеоролошки станици и одржливо земјоделство за заштита на езерото
Агрометеоролошките податоци, таргетираното прскање и органските иницијативи треба да ги намалат притисоците врз Преспа без да ги изгубат приходите.

Преспанското Езеро и уникатниот природен предел околу него се соочуваат со растечки притисок поради климатските промени и човечките активности — пред сè интензивното земјоделство, прекумерното црпење вода и употребата на пестициди и вештачки ѓубрива. Во регион каде земјоделството е една од главните економски дејности, клучно е да се најде баланс помеѓу производство и заштита на природата.
Примена на технологии и локални програми
Во Преспанскиот Регион се поставени десет агрометеоролошки станици, чиј податоци им се достапни на производителите на 4.500 хектари овоштарници. Сензорите ја мерат влажноста на почвата и воздухот, како и температурата, овозможувајќи попрецизна заштита на насадите и порационално наводнување.
Локалните земјоделци наведуваат конкретни придобивки. "Агрометеоролошката станица многу ни помага, најчесто за мерење на температурните разлики, бидејќи во Преспа тие се изразени. Можеме да видиме кога температурата паѓа и кога треба да го заштитиме овоштарникот, најчесто од мраз," вели Лазар Георгиевски, овоштар од Покрвеник.
Производителите кои ги користат податоците велат дека бројот на прскања е намален бидејќи третманите се прават според реалните услови, а не по фиксен календар. "Самите станици се веќе посотавени, оние земјоделци кои што ги користат подтоците веќе имаат намалувањето на бројот на прскања. Се прска за заштита тогаш кога треба," вели Глигор Тодоров.
Во промените важна улога играат и руралните жени, кои во својата туристичка понуда ги вклучуваат и органските производи и така создаваат дополнителни извори на приходи со помал притисок врз природата. "Покрај кетерингот, сега сме насочени во култивирање на планинскиот чај од Галичица, кој е заштитен вид. Имаме и насади со малини подготвуваме џем што го продаваме преку здружението," рече Виолета Прцуловска, Здружение „Рурални жени“.
Одржливото земјоделство — преку користење податоци, таргетирана заштита и органско производство — се гледа како пат кој може да го намали притисокот врз Преспанското Езеро, а во исто време да ги зачува приносите и егзистенцијата на локалното население.
Емилија Мисирлиевски
Фото: прес-материјал од настанот


