Над 9 милиони евра помалку за образованието — Јаневска не очекува последици, економистите загрижени
Министерката Јаневска најавува реформи и покачување на плати; економистите предупредуваат дека кратењата ја продлабочуваат зависноста од трошоци за плати.

Предлог-буџетот за 2027 година предвидува намалување на блок-дотациите за основно и средно образование за над 9 милиони евра, по што општините ќе добијат околу 406 милиони евра за покривање на трошоците во образованието. Тоа ја отвори дилемата дали државата инвестира во иднината на учениците или само ги покрива основните трошоци за опстанок на системот.
Министерката за образование Весна Јаневска тврди дека нема да има штета врз образовниот процес и најавува нова формула за распределба на средствата, како и затворање и спојување паралелки и пренасочување на наставниците кон други образовни активности. Таа исто така најави покачување на платите за 7,5 проценти во март, согласно колективниот договор.
Економистите предупредуваат на структурен проблем
Економистите и претставниците на општините укажуваат дека проблемот е подлабок: кога над 80 проценти од блок-дотациите се трошат за плати, остануваат малку средства за дополнителни активности, мотивирање на наставниците и поттикнување на учениците.
„Ние денеска од 2008 до денеска за првпат во основен буџет кој што се носи во собрание, имаме номинално намалување на блок дотација за основно и средно образование. А притоа следната година започнувајчи од март месец е најавено, договорено во колективен договор, зголемување на платите на просветни работници и вработени во образование Што значи тоа? Ние и така имаме високо ниво на учество на плати во трошоците за основно и средно образование, со ова кратење, ние тоа учество уште поголемо. Па овој скандал за гасење на струја во високообразовни институции јас се плашам дека ќе ни биде секојдневие следната година кога ќе почне да се реализира буџет за 2027 година“, рече Виктр Митевски, Извршен директор на ЗМАИ. (19-11-2026)
Проценките на ЗЕЛС се дека околу 90% од тие средства, т.н. блок дотации, ќе се потрошат за плати на наставниците. Со оглед на тоа, многу ќе зависи од тоа како општините ќе ги распоредиат ресурсите и од конечната формула за распределба која ќе се објави пред расправата во Собранието.
Фото: прес-материјал од настанот


