Најави за блокади на Собранието наесен
ДУИ најавува блокади на закони кои, како што тврдат, не се усогласени со Охридскиот рамковен договор; партиите разменија обвиненија за договори и предвремени избори.

ДУИ најави дека оваа есен ќе блокира во Собранието секој закон што, како што велат, не е во согласност со Охридскиот рамковен договор.
Од партијата посочуваат дека оваа пракса ја започнале уште пред пратениците да заминат на одмор, кога на дневен ред беа ставени законот за правична застапеност и законот за високо образование, но двете закони останаа заглавени во собраниската процедура.
СДСМ ги обвини дека станува збор за интерен договор меѓу интегративците и ВМРО-ДПМНЕ со цел ДУИ побрзо да се врати на Илинденска преку предвремени парламентарни избори. Од седиштето на ДУИ во Чаир денеска кратко порачаа дека кој ги изнесува ваквите обвинувања нека ги докаже.
Препукувања меѓу партиите
Опозицискиот лидер Филипче во изминатите неколку дена тврдел дека постапките кои ДУИ ги најавува во законодавниот дом се последица на договорено сценарио со владејчката ВМРО-ДПМНЕ, со цел да се отвoри патот за предвремени парламентарни избори и ДУИ повторно да стане владин коалициски партнер на Мицкоски, кој, како што обвинија од Бихаќка, не сака европски принципи и институции.
ВМРО-ДПМНЕ, пак, обвини дека токму ДУИ и СДСМ сè уште се во добри конекции и го наведе случајот со модуларната болница, каде обвинителот Ислам Абази не повел обвинение против Филипче. Од партијата порачаа:
"Филипче зборува за ЕУ, владеење на право и европски вредности, а истовремено се повикува на системот кој СДС и ДУИ го уништија додека беа на власт. СДС и ДУИ го доведоа правосудството до ниво на доверба под 2%, а Ислам Абази, поставен во нивно време, донесе одлука која го ослободи Филипче."
Во меѓувреме, овие партиски препукувања ја подигнаа темата за предвремени парламентарни избори. Следната недела е закажана првата седница во Собранието по одморот на пратениците — на 2-ри, на чиј дневен ред се 53 точки, меѓу кои именување вицегувернер на Народната банка, ратификации, предлог-закон за пријавување и проверка на странски директни инвестиции во прво читање, предлог-национална стратегија за безбедност на сообраќајот на патиштата 2026 – 2030 година, како и закони по скратена постапка, главно усогласувања со новиот Закон за високите раководители.
Фото: прес-материјал од настанот