Законот за заштита на жртви од семејно насилство е во Собрание, Апасиев ќе ги повика невладините
Спикерот Гаши вели дека постапката ќе почне откако ќе пристигне официјално барање; законскиот текст чека мислење од Владата.

Законот за заштита на жени и жртви на семејно насилство веќе е внесен во собраниските списоци, но сè уште не е ставен на Дневен ред и не е пуштен во формална постапка, појавија се информациите по повикот на невладините организации за итна седница.
Се чека мислење од Владата; Апасиев ги повикува невладините
Спикерот Гаши изјави дека откако во кабинетот ќе пристигне официјално барање за итна седница, Собранието ќе постапи веднаш. Тој потенцираше дека за законот е испратено мислење до Владата и оти потоа може да се започне собраниска процедура.
„Сè уште немаме такво барање доставено до кабинетот на претседателот или до службата на Собранието. Штом го добиеме тоа барање, веднаш ќе постапиме. Во однос на законот кој е во собраниска процедура, ние чекаме – испратено е мислење до Влада. Очекуваме, штом добиеме мислење од Влада, законот да го пуштиме во собраниска процедура“ – рече Гаши.
Претседателот на постојаната анкетна комисија, Димитар Апасиев, соопшти дека ќе ги покани претставничките и претставниците на невладините организации на средба во законодавниот дом и дека е подготвен да организира официјална средба.
„Ова е толку сензитивно прашање и болно прашање, што секој од нас кои сме носители на јавни функции – ама не и само, и новинари и сите граѓани – мислам дека сакаат тоа што побргу да се донесе и да се намали насилството врз жените и воопшто да го нема ако можеме. Но, тоа ќе биде борба која ќе треба сите да ја издвојуваме заедно. Но, ние како пратеничка група сме отворени и ги поддржуваме овие барања на засегнатите, овие феминистички движења. И јас како претседател на постојаната анкетна комисија ги поканувам претставничките, дури ќе остварам и официјална средба да дојдат, бидејќи мојата комисија е како еден вид чадор комисија која се грижи за овие човекови права, меѓу коишто се и правата на жените и заштита од семејно насилство. И во наредните денови ќе остварам контакт со нив доколку сакаат и да дојдат како гости во Собранието“ – истакна Апасиев.
Фото: прес-материјал од настанот


