Најмалку три загинати во Кропивницки по повеќе од 10 часа руски напади со дронови
Логистички центри, магацини и станбени згради погодени; Нафтогас соопшти дека гасните постројки се оштетени и дека производството е запрено.

Најмалку три лица загинаа, а шест беа повредени во најновите руски напади со дронови кои траеја повеќе од 10 часа во централниот украински регион Кировоград, соопшти украинската служба за цивилна заштита на "Телеграм".
Се наведува дека меѓу погодените објекти во регионалниот центар Кропивницки биле логистички центри, магацини и станбени згради. Исто така беше соопштено дека транспортната инфраструктура во областа беше нападната и дека избувнале пожари.
Погодени енергетски објекти во Полтавскиот регион
Во соседниот Полтавски регион, со дронови беа нападнати постројки за производство на гас, соопшти државната енергетска компанија "Нафтогас", додавајќи дека е оштетена опрема и дека производството е привремено запрено. Од компанијата наведоа дека нема повредени вработени.
Украинските воздухопловни сили соопштија дека во текот на изминатата ноќ руската војска употребила 580 беспилотни летала од различни типови и два проектила против цели во Украина, и дека 536 од нив биле навремено пресретнати.
Сепак, беа регистрирани удари на 31 локација, а падот на остатоци од леталата предизвика штети и на уште 11 локации, јавија надлежните.
Фото: прес-материјал од настанот


