Напредокот ви е потребен, без оглед дали сакате да се приклучите во ЕУ еден ден или не, порача Вајц од Скопје
Вајц на форум во Скопје рече дека основните услуги и владеењето на правото одлучуваат за развојот на земјата, а не само патот кон ЕУ.

Австрискиот пратеник во Европскиот парламент и постојан известувач за Северна Македонија, Томас Вајц, порача на граѓански форум во Скопје дека напредокот во земјата е потребен без разлика дали таа еден ден ќе се приклучи кон Европската Унија или не.
Напредокот како прашање на секојдневно управување
Форумот „Северна Македонија и иднината на Европа: Граѓаните во срцето на проширувањето на ЕУ“ го организираше Групата за поддршка на демократијата и координација на избори на Европскиот парламент во соработка со Собранието на Северна Македонија. Вајц нагласи дека развојот не смее да се сведува само на прашање на членството, туку пред сè на создавање модерно, демократско и добро организирано општество со подобри услови за живот.
„Јас верувам дека единствено земја којаштаја се грижи за основните работи – чист воздух, вода, за добри услови на живот, исто така напредува и економски. Сето тоа има директно економско влијание. Тоа е во секој систем што ви го дефинира секојдневниот живот, тоа е исто така и владеење на правото, дали законот се применува за сите на ист начин или пак зависи колку сте богат и од каде доаѓате. И за тоа треба да зборуваме“, оцени Вајц.
Тој ги наброја животната средина и локалните услуги како прашања што треба јавно да се отворат: квалитетот на воздухот, дивите депонии, рециклирањето, пречистителните станици, рударството и шумарството. Вајц посочи и дека владеењето на правото е еден од темелите на функционирањето на државата и демократските процеси.
Претседателот на Собранието, Африм Гаши, кој беше меѓу говорниците, повтори дека земјата има јасна стратешка определба – полноправно членство во Европската Унија, што, според него, ужива широка поддршка во општеството.
„Тоа е определба која има широка поддршка во нашето општество и која треба да биде надпартиска и долгорочна. Но, европскиот пат не може да биде успешен ако се води само во институциите. Токму затоа ваквите форуми се важни. Партиципативната демократија не значи граѓаните да бидат прашани за мислење само во изборен период. Таа значи граѓаните постојано да имаат можност да учествуваат во креирањето на политиките, да поставуваат прашања, да предлагаат решенија и да бараат одговорност од институциите. А, ние како Собрание, имаме посебна одговорност во тој процес, бидејќи ние како пратеници сме директниот глас на граѓаните. И затоа, јас често велам, важно е и ние пратениците, но и останатите фунционери да останат во постојана комуникација со граѓаните, да бидат на терен и нивните потреби и барања да ги преточуваат во законски решенија и идеи“, рече Гаши.
Фото: МИА


