Народната кујна во Охрид затворена — најсиромашните остануваат без оброк
Затворањето го прекина еднократниот дневен оброк за граѓаните со решение од Меѓуопштинскиот центар за социјална работа Охрид; Левица бара итна истрага.

Најсиромашните граѓани во Охрид останаа без единствениот топол оброк откако Народната кујна беше затворена поради реновирање на кујната во Студентскиот дом „Никола Карев“. Од денеска, лицата кои имаат решение од Меѓуопштинскиот центар за социјална работа Охрид за добивање еден оброк дневно остануваат без оваа основна социјална услуга.
Тврдења за јавна набавка и поставување
До Левица стигнаа информации дека поранешната вршителка на должност директор Весна Аврамоска не спровела јавна набавка за обезбедување храна, иако била известена дека договорот со Студентскиот дом престанува. Ова ја отвора темата за нејзината одговорност и за начинот на кој бил раководен Центарот.
Дополнителните податоци упатуваат дека Аврамоска, која на последните локални избори беше кандидатка за советник на листата на ДПМНЕ во Охрид, била НЕЗАКОНСКИ поставена за вршителка на должност директор со договор за пробна работа од четири месеци, без решение за распоредување на работно место. Во информациите стои дека истата повторно би можела да биде поставена за директор, иако е сметана за најодговорна за затворената народна кујна.
Левица поставува сериозни прашања до министерот Ѓоко Велковски: кој ќе сноси одговорност за прекинот на оброците на најсиромашните? Зошто не е спроведена јавната набавка навреме? Дали ќе има одговорност за наводното незаконско поставување и дали неспособноста ќе биде наградена со директорска функција?
Посебно загрижува и семејната врска: Весна Аврамоска е сестра на инспекторот за животна средина Игор Трајковски, кој „не утврди“ никакви пропусти во врска со дивоградбата–хотел на Мијалков.
Левица бара итна истрага за работењето на Центарот за социјална работа Охрид и итно обезбедување храна за сите корисници на Народната кујна. Како што истакнаа, „Социјалната помош не смее да биде партиска привилегија, ниту најсиромашните граѓани да бидат жртви на партиската неспособност!"
Фото: прес-материјал од настанот


