Почетна
Балкан

Наводните останки на цар Самoил пренесени во Софија, премиерот тоа го гледа низ призма на Бледскиот договор

Коските пристигнаа во Софија по меѓудржавна размена; историчари предупредуваат дека не е направена ДНК анализа.

·Балкан
Наводните останки на цар Самoил пренесени во Софија, премиерот тоа го гледа низ призма на Бледскиот договор

Наводните посмртни останки на цар Самоил денеска пристигнаа во Софија и беа пречекани со највисоки државни и воени почести на плоштадот пред црквата „Света Софија“. Преносот, реализиран со воен авион, е дел од меѓудржавна размена која беше официјализирана во Солун, каде министрите за култура потпишаа договор во присуство на грчкиот премиер Киријакос Мицотакис и бугарскиот претседател Румен Радев; Грција во рамките на размената ѝ ги врати на Бугарија 48 црковни реликвии земени во Првата светска војна.

На плоштадот „Кнез Александар Први“ коските беа положени во црквата „Света Софија“. Мицотакис на церемонијата нагласи дека религиозните реликвии не смеат да бидат предмет на воен плен. Радев, пак, рече дека „ако во минатотo Самoил ги раздвојувал, денес е точка на зближување меѓу Атина и Софија„.

Скелетот што денеска беше спакуван и транспортиран со воен авион кон Софија беше откриен во 1969 година од грчкиот археолог Николаос Муцопулос во базиликата „Свети Ахил“ на малото преспанско островче. Пронајдени се четири саркофази, од кои само во еден имал зачуван скелет на постар маж на околу 70 години, со карактеристична скршеница на левата рака, покриен со златни нишки и оклоп. За овие останки никогаш не е направена ДНК анализа дали се навистина на цар Самоил.

Поради ова деновиве реагираа голем број експерти, меѓу кои и бугарскиот професор по историја на Трновскиот Универзитет, Милко Палангурски, кој рече дека, „она што се знае е дека цар Самoил и неговото семејство се погребани на островот Свети Ахил, но не е направена ДНК анализа за да се утврди со сигурност дека коските што ќе ги добие Бугарија му припаѓаат нему.“ Рече и дека „целата акција е лошо подготвена и „пандорината кутија е отворена“.

Бугарската влада не испрати официјална покана до македонската за присуство на церемонијата, иако македонско–бугарската експертска комисија за цар Самoил пред седум години постигна усогласена препорака за заедничко одбележување. Во неа тој е дефиниран како „владетел на голема средновековна држава, која поголемиот дел од современата историска наука ја смета за Бугарско царство со центар во територијата на денешна Македонија“. Во документот се додава и дека државата опфаќала значителен дел од Балканот, додека цар Самoил и неговата судбина се опишуваат како симбол на заедничката историја што ја споделуваат двете современи држави. Во усогласениот документ не стои формулација дека „цар Самoил бил Бугарин“.

Но, денешната бугарска реторика оди многу подалеку од прифатената формула и официјално го претставува како „бугарскиот цар Самoил“ чии останки се враќаат во „неговата татковина“. Во истото официјално соопштение Самоил е именуван и како „големиот бугарски владетел“.

Реакцијата во земјата и историскиот контекст

Настанот во Македонија се следи со воздржаност од официјалните лица. На новинарско прашање, премиерот денеска рече дека прашањето треба да се гледа низ призма на Бледскиот договор. „Јас тоа го коментирам во насока на Бледскиот договор којшто е постигнат веднаш после капитулацијата на фашистичка Бугарија, којашто ја има, би рекол, окупирано за време на Втората светска војна територијата на денешна Македонија. Некој тоа го вика ‘администрирање’ од политичарите, за среќа што се поранешни политичари, односно поранешни политичари на функции, значи сè уште активни во опозицијата преку совети на раководствата во опозицијата, си имаат свои кукли таму и си ги раководат. Што се однесува до пренесувањето на моштите, јас би се вратил назад неколку децении кога моштите на македонскиот великан Делчев, како резултат на тој Бледски договор, се донесени во Скопје. И тоа е нешто што треба нас како Македонци да нè прави горди, затоа што моштите на тој великан, којшто бил во свое време пред времето, симболизираат многу за македонскиот идентитет,“ изјави Христијан Мицкоски, премиер.

Бледскиот договор бил потпишан на 1 август 1947 година во Блед, Словенија, од страна на југословенскиот лидер Јосип Броз – Тито и бугарскиот премиер Георги Димитров. Со него, Бугарија за прв пат го признава македонското малцинство во Пиринска Македонија и македонскиот јазик, а е предвидено и идно обединување на Вардарска и Пиринска Македонија и културна автономија за Пиринскиот дел. Укинати се визите, олеснет е граничниот режим, а за возврат Југославија ѝ простува на Бугарија 25 милиони долари воена штета. По расколот меѓу Тито и Сталин во 1948 година, Софија го раскина договорот на 1 октомври 1949 година.

Фото: прес-материјал од настанот

Поврзани написи