НБРМ ги скрати рокот на исплата на станбените и на хипотекарните потрошувачки кредити
Централната банка ги намали максималните рокови и односот на месечни отплати кон приходи за да го ограничат прекумерното задолжување.

Народната банка на Република Северна Македонија (НБРМ) ги скрати максималните рокови за отплата на станбените и на хипотекарните потрошувачки кредити како превентивна мерка за заштита на домаќинствата од прекумерно задолжување, соопшти централната банка.
Нови тавани на роковите и на односот рата/приходи
Според новите правила, максималниот рок за отплата на станбените кредити се намалува од 30 на 25 години, додека за хипотекарните потрошувачки кредити рокот се спушта од 20 на 15 години. Истовремено, максимално дозволениот однос помеѓу месечните отплати и приходите на кредитокорисникот е намален за пет процентни поени — од 50% на 45% за кредити во денари и од 45% на 40% за кредити со валутна компонента.
„Целта е превентивно, во услови на здрав и стабилен банкарски систем, да се ограничат ризиците од прекумерно задолжување на домаќинствата и да се придонесе за одржливо кредитирање и финансиска стабилност. Поповолниот третман за граѓаните кои првпат купуваат сопствено живеалиште останува непроменет“, велат од НБРМ.
Финансискиот експерт Проф. д-р Синиша Наумоски ја оцени одлуката како мерка за запирање на растот на задолжувањето, но предупреди дека може да влијае и врз пазарните движења. „Доколку е иста каматната стапка и висината на кредитот остане иста, тоа ќе значи дека имателите нови на ваков тип или кредитобаратели ќе имаат многу покус рок, поголем ануитет и помал износ на расположливи пари кои би ги добиле од тоа кредитирање. Важно е особено да се истакне дека при ваквите одлуки не се опфаќаат оние нови, млади лица, кои што прв пат имаат апликација за купување на сопствен дом. Сево ова очекувам дека ќе придонесе и кон зауздување на прекумерното задолжување но исто така можеби може да се протолкува дека ќе има одреден ефект врз цените на становите“, изјави Проф. д-р Синиша Наумоски, Хајделберг факултет – Генерален менаџер.
Минатата година НБРМ воведе поповолни услови за првите купувачи: становите може да се финансираат со учество од 10% од вкупната вредност на објектот, додека за втори и наредни купувања минималното учество беше зголемено од 15% на 25%.
Според извештајот на Народната банка, и покрај претходните мерки, станбените кредити кај населението се зголемиле за 16,2% споредено со минатата година, додека потрошувачките кредити пораснале за 12,2%.
Фото: прес-материјал од настанот


