„Не купувајте огревно дрво од сомнителни лица“, апел од „Национални шуми“
Јавното претпријатие предупредува дека евтиното огревно дрво често е производ од диви сечи и дека има напади врз шумочуварите.

Во пресрет на грејната сезона, ЈП „Национални шуми“ упати апел до граѓаните: „Не купувајте огревно дрво од сомнителни лица“ и внимателно проверувајте понудите што се нудат по пониски цени, бидејќи со секое вакво купување се поддржува дрвокрадството.
Од претпријатието предупредуваат дека досегашната пракса покажува оти зад дивите сечи ретко стојат само поединци, туку организирани мрежи кои профитираат од природното богатство.
Судири со сторителите и закани кон шумочуварите
Според раководството, во борбата против дрвокрадците, шумочуварите и шумската полиција нередко се соочуваат со закани и напади. „Сите оние кои ќе се дрзнат во иднина да кренат рака на овластено службено лице, треба однапред да бидат подготвени дека следи сериозна затворска казна, бидејќи станува збор за напад на службено лице,“ рече Кире Михаилов, заменик директор на „Национални шуми“.
Михаилов истакна и дека има случаи во кои вработени во претпријатието имале конекции со криминални структури. „Да, се уште наши вработени за кои за жат утврдивме одредени конекции со криминалните структури и онаму каде што тоа ќе го детектираме, нема пардон. Веднаш се отпочнува постапка по однос на она кое што го имаме како докази и имаме суспензии, кривични пријави,“ изјави заменик директорот Кире Михаилов.
Покрај дрвокрадците, македонските шуми секоја година трпат и од пироманите — штетите се големи не само за шумите туку и за здравјето на луѓето, велат од ЈП „Национални шуми“.
Фото: прес-материјал од настанот


