Почетна
Македонија

Не ни требаат нови ветувања, бараме одговорност — 51. „Марш за ангелите“ во Кочани

Родители и граѓани маршираа во спомен на жртвите и побараа конкретни резултати од институциите, а не нови ветувања.

·Македонија
Не ни требаат нови ветувања, бараме одговорност — 51. „Марш за ангелите“ во Кочани

Во Кочани се одржа 51. „Марш за ангелите“, на кој родители на загинатите во пожарот во дискотеката „Пулс“ и граѓани побараа вистина и одговорност и упатија порака дека тоа се бара не само за трагедијата во Кочани туку и за другите социјални и институционални неуспеси кои чинат човечки животи.

Бараат конкретни мерки, не нови ветувања

На маршот беше испратена порака дека се чекори и за 138-те жртви од неколку трагедии — од инцидентот во Ласкарци, преку модуларната болница во Тетово и автобуската несреќа на „Беса транс“, до пожарот во „Пулс“, во кој загинаа 63 млади луѓе, а повеќе од 200 беа повредени.

Пред Полициската станица во Кочани се обрати Валентина Христова, мајка на 20-годишниот Павел, кој почина во „Пулс“. Таа потсети на ветувањата дека сите инволвирани ќе одговараат и рече дека, речиси дваесет месеци подоцна, останува прашањето какви се резултатите од проверките на институционалните пропусти, внатрешните контроли и евентуалните дисциплински постапки.

Христова го спомна и низот жени и девојки кои ги загубија животите како жртви на фемицид и семејно насилство: Танкица од Кочани, Росица од Велес, Емилија од Штип, Рамајана од Шуто Оризари, Ивана од Скопје и 17-годишната Билјана од Богданци. Таа порача дека секоја пријава за насилство е повик за живот, а не само празна хартија.

„На нас семејствата не ни се потребни нови ветувања. Потребни ни се одговори, конкретни постапки и видливи резултати. Не бараме привилегии, ниту посебен третман. Бараме вистина, правда во судница и одговорност за секој докажан пропуст“, порача Христова.

„Знам што значи да чекаш дете што никогаш повеќе нема да ја отвори вратата. Знам што значи да го бараш неговиот глас во тишината. И знам како е во главата да ти одекнуваат криците, стравот и молбите за помош од таа страшна ноќ. Тоа не се заборава, господа! Ниту со стратегија, ниту со награда, ниту со прес-конференција! Нашите деца нема да се вратат… Но нивната загуба мора да биде опомена за секој што носи одлуки, потпишува дозволи, врши контроли или прима пријава за насилство. Не ни докажувајте со зборови дека човечкиот живот ви е приоритет. Докажете го со дела — додека луѓето сè уште се живи! Бараме правда за Кочани! Бараме правда за сите невини жртви! Бараме одговорност, а не ветувања!“, рече таа.

Пред Основниот суд во Кочани се обрати и Драги Стојанов, татко на едно од момчињата загинати во пожарот: „Чекоревме, чекориме и ќе чекориме сè додека сме живи, сè додека правдата не излезе на виделина“, порача Стојанов.

Маршот се одржа по вообичаената рута — од Паркот на револуцијата, преку Трговскиот центар, пред Управата за јавни приходи (УЈП) и Полициската станица, до Основниот суд и Обвинителството. Родителите најавија дека нема да се откажат од барањето за вистина и одговорност и порачаа дека човечкиот живот мора да биде приоритет во секојдневното делување на институциите, а не само во нивните изјави.

Фото: прес-материјал од настанот

Поврзани написи