Почетна
Магазин

„Не сакам поголема функција туку поголем живот“ — Јасмина Антиќ за пресвртницата во кариерата

Откако работеше повеќе од 20 години во HR, Јасмина Антиќ ја напушти утврдената корпоративна траекторија и го основа VERTIVA — проект што ги поврзува планинарството, нуркањето и лидерството.

·Магазин
„Не сакам поголема функција туку поголем живот“ — Јасмина Антиќ за пресвртницата во кариерата

По повеќе од две децении во корпоративниот и HR-секторот, Јасмина Антиќ сврте кон планините, глетките од 2.000 метри и подводните длабочини. Не станува збор за бегство од обврски, туку за одлука да се пренамени професионалната зрелост и лидерските искуства во еден поинаков проект кој ги поврзува надворешните авантури со работа со луѓе.

Пресвртница која дојде од внатре

Антиќ работи од своите 16 години и повеќе од 20 години вложуваше енергија во градење тимови, процеси и резултати. Минатата година, како што вели, почна комплетна пресвртница. Се враќаше едно прашање: „Јасмина, сега имаш 42 години и веројатно ја живееш втората половина од твојот живот, дали навистина сакаш вака да изгледа твојот живот? Дали навистина си ова ти?“

„Убаво го кажа ова „сите очекуваат“… Реално, што имам јас со „сите“? Сите не се јас, не се мојот живот и најголемата слобода доаѓа во моментот кога ќе расчистиме со себе дека туѓите критериуми за успех немаат никаква врска со нашата вистина и нашите избори во животот.“ Таа сфати дека човек може да биде успешен според туѓите критериуми, а сепак да не се чувствува успешен во својот живот.

Планината не ѝ ја смени професијата преку ноќ, но ѝ го смени погледот кон животот. На планина нема титули и канцеларии, има терен, луѓе, одлуки, одговорност и потреба да бидеш целосно присутен. Тогаш сфати: не сака „поголема функција“, сака „поголем живот“.

Денес го гради VERTIVA — бренд под кој ги спојува HR, коучингот, работа со луѓе, спортот, туризмот и личниот развој. Основната идеја е едноставна: луѓето и бизнисите можат да растат одржливо кога работите се развиваат и индивидуално и во средината што го овозможува тој раст. И признава: понекогаш ѝ е страв — и токму во тоа ја гледа убавината.

Корпоративното искуство ѝ служи директно при водењето тура: да ги чита луѓето, да препознава кој е уморен, кој се плаши, кој се преценува или кој има потреба од охрабрување. И кога ја прашаа за KPI-то, нејзиниот одговор беше едноставен: „Кога ќе одиме пак ?“

За жените во стабилни, но неисполнети работни позиции советот ѝ е практичен: не мора да дадете отказ утре или да ја запалите целата стара верзија од вашиот живот за да започнете ново, но не го игнорирајте моментот кога нешто во вас постојано ви кажува дека можете повеќе. „Не го игнорирајте моментот кога во понеделник наутро имате нагон за повраќање бидејќи треба да одите на работа, кога ед“ — рече таа, оставајќи ја сликата незавршена, но јасна.

Фото: приватна архива

Поврзани написи