Почетна
Политика

Неколку милиони денари ќе чини покривот на штипската клиничка болница; ревизиите за комплексот за два месеца

Ревизиите за новиот болнички комплекс треба да завршат за два месеца, санитарните работи по невремето ќе чиниат неколку милиони денари

·Политика
Неколку милиони денари ќе чини покривот на штипската клиничка болница; ревизиите за комплексот за два месеца

Реконструкцијата на покривот што беше делумно однесен при силното невреме и орканскиот ветер во Штип ќе чини „неколку милиони денари“, додека завршувањето и опремувањето на новиот болнички комплекс влегува во фаза на ревизија, изјавија денеска министерот за здравство Сашо Клековски и директорот на Фондот за здравствено осигурување Златко Перински по работната посета на Клиничката болница во Штип.

Ревизија, меѓународен повик и избор на изведувач

Клековски, Перински, градоначалникот Иван Јорданов и претставници на болницата разговараа со делегација на Светската банка за продолжување на изградбата на новиот комплекс чија планирана инвестиција изнесува речиси 6,7 милијарди денари, односно околу 109 милиони евра.

Со соговорниците беа разгледани техничките и финансиските анализи, можните модели за финансирање, подготовката на проектната документација и механизмите за контрола на квалитетот, трошоците и роковите. Ревизијата на моменталната состојба треба да заврши во рок од два месеца, по што ќе следи меѓународен повик за довршување на комплексот, а за избор на изведувач и склучување договор се предвидени дополнителни три месеци.

„Очекуваме за два месеца да бидат готови ревизиите на постојната ситуација, што ќе биде основа за објавување на меѓународен повик за завршување. Да дадеме три месеци за избор на доставувач и на склучување договор. Ќе работиме со компании со меѓународна репутација и капацитет да ја завршат работата. Сега имаме и одредено искуство со реконструкциите на оперативните блокови во „8 Септември“ и во Клиничкиот центар, кои се најсензитивниот и најскап дел во овој зафат, така што мислам дека можеме да донесеме мудри одлуки за да нема проблеми како што имаше во претходниот период со изведувањето на работите,“ изјави Клековски.

Според министерот, финансиската реализација на проектот досега изнесува околу 30 отсто: главно се завршени поевтините градежни и занаетчиски зафати, додека допрва треба да се реализираат поскапите машински работи, оперативниот блок и набавката на опремата. Во првата фаза остануваат довршувањето на оперативниот блок и внесувањето на медицинската опрема, а во втората фаза ќе се опфати интервенции врз старите болнички објекти.

Паралелно со плановите за новиот комплекс, болницата ќе мора да го санира покривот што беше оштетен и делумно однесен во невремето, при што ветерот достигна 134 километри на час. Заменик-директорката на Клиничката болница, Билјана Ефтимова, рече дека првичната проценка е „во денари, неколку милиони“ и дека се чека извештај од осигурителната компанија и дополнителна проценка.

„Вака, првичната проценка е во денари, неколку милиони. Но, чекаме извештај од осигурителната компанија и уште една проценка, затоа што после првиот чин од невремето, секако се појавуваат и други делови и работи кои треба да се реконструираат. Тоа се однесува на кровот на третиот спрат, каде што е сместено Ортопедското одделение и ортопедската сала, како и Единицата за интензивно лекување и Кома центарот. Тие се оштетени, бидејќи останаа без кров,“ изјави Ефтимова.

Клековски додаде дека Министерството ја следи состојбата и дека во болничкиот буџет веќе биле предвидени пари за реконструкција; по утврдување на целосната штета ќе бидат одобрени средствата за да се завршат работите навреме и Ортотпедското одделение повторно да биде ставено во функција.

На прашањето за вработување специјалисти, министерот кажа дека повикот ќе биде ажуриран бидејќи дел од кандидатите веќе нашле работа во други установи. Тој нагласи дека при распределбата на кадар апсолутен приоритет ќе имаат клиничките центри и болниците надвор од Скопје, а точната бројка ќе се утврди по анализа на потребите и интересот на специјализантите.

„Ќе направиме сѐ што можеме бројот на специјалисти во Штип да се зголеми. И не само во Штип, генерално во сите Општи болници и Клинички болници. Значи, треба повторно да го обновиме интересот на специјализантите, да видиме што недостига тука, да направиме спојување на специјализанти со потребите и тогаш да установиме точна бројка,“ изјави Клековски.

Клиничката болница во Штип е единствениот регионален клинички центар во источниот дел на земјата и обезбедува здравствени услуги за речиси 150.000 граѓани, додека нејзиното пошироко гравитациско подрачје опфаќа околу 250.000 жители.

Фото: МИА

Поврзани написи