Невремето во Скопје направи пукнатини на новото корито на Серава, сега ќе се санираат оштетувањата
Градоначалникот Дарко Костовски нареди изведувачот да ги поправи пукнатините и оштетувањата со активирање на 10‑годишната гаранција.

Силното невреме со силен ветар кое пред десетина дена го погоди Скопје предизвика пукнатини и други оштетувања на новото камено корито на реката Серава, кое беше обновено минатата година во општина Бутел, информираат од општинската администрација.
Веднаш активирана гаранцијата и налог за санација
Градоначалникот Дарко Костовски рече дека по невремето се забележани оштетувања и дека е активирана 10-годишната гаранција со цел изведувачот да ги санира појавените дефекти.
„Овој проект мора да остане еден од најубавите изградени во периодот додека сум јас градоначалник на Бутел – изјави Костовски..“
Изведбата на коритото на Серава започна на крајот на 2023 година, а во март 2025 година почна и изградбата на трим патека должина од 800 метри, ново осветлување и урбана опрема. Во првата фаза беа уредени 1.500 метри речно корито, а со втората фаза се додадоа уште 300 метри во населеното место Радишани - со што на крај се заокружија 1.800 метри уредено камено корито.
„Со ова заокружуваме 1800 метри уредено со камен речно корито! Вложуваме 65 милиони денари во уредување на речното корито и изградба на трим патека!- соопшти тогаш Костовски."
Во јуни годинава беше соопштено дека Општината во соработка со Град Скопје започнала активности за изградба на пешачка патека и чистење на коритото на реката Серава во делот Бутел 1. Од општината истакнуваат дека по повеќе од 20 години се реализира едно од најголемите барања на жителите и дека проектот предвидува нова патека долга 1.590 метри, ново осветлување, клупи, хортикултурно уредување и нови детски игралишта.
По само околу три години од почетокот на работите, силното невреме предизвика пукнатини и други оштетувања кои изведувачот ќе мора да ги отстрани. Општинските претставници додаваат дека во следниот период ќе се утврдува дали штетите се резултат на екстремната временска непогода или пак на евентуални недостатоци при изведбата.
Фото: Принтскрин