„Нивното дело е дел од нашата историја“ — одбележан Денот на Армијата
Со церемонии во Скопје и Штип денеска е одбележан 34‑от роденден на Армијата, на датумот поврзан со формирањето на баталјонот „Мирче Ацев“ во 1943 година.

Во Скопје и во Штип денеска беа одбележани повеќе активности по повод 34 години од формирањето на Армијата, со настани кои ја поврзаа современата војска со партизанските формации од Втората светска војна.
Владена делегација составена од министрите за одбрана, за внатрешни работи и за социјална политика — Владо Мисајловски, Панче Тошковски и Ѓоко Велковски — заедно со делегација на Армијата со воени почести положија венци на партизанските гробишта во Скопје.
"Со воени почести положивме венци со свежо цвеќе на партизанските гробишта и на вечните почивалишта на загинатиот претседател Борис Трајковски, поранешниот претседател Киро Глигоров и на генералот Михаило Апостолски", соопшти министерот Мисајловски.
Тој порача дека со оддавањето почит се зачувува споменот на борците кои ги положиле своите животи за слободна и независна Македонија.
"Нивната жртва и нивното дело се дел од нашата историја и наша обврска е да го чуваме споменот за нив", посочи Мисајловски.
Во Штип, пак, командантот на Вториот пешадиски баталјон потполковник Ристо Стоев во своето обраќање истакна дека овој ден е симбол на воената традиција, на пожртвуваноста и храброста на генерациите кои, како што рече "пред нас ја носеле одговорноста да ја штитат татковината, но и на професионалноста и посветеноста на денешните припадници на Армијата".
Почесни стрелби и касарни
По повод Денот на Армијата, во касарната „Илинден“ во Скопје во 18:00 беше предвидена пробна артилериска стрелба — еден плотун од шест артилериски орудија, а во 19:00 единицата на артилерискиот баталјон требаше да изведе почесна артилериска стрелба со 10 плотуни од шест орудија. Во касарната „Јане Сандански“ во Штип денот беше означен со смотра на 2. пешадиски баталјон и други армиски единици.
За роденден на Армијата е избран 18 август, денот кога во 1943 година на падините на Славеј Планина бил формиран баталјонот „Мирче Ацев“, што се смета за првата организирана воена формација во НОВ на Македонија. Процесот за создавање на современата македонска Армија започна во 1992 година, кога тогашниот претседател Киро Глигоров со раководството на ЈНА го потпиша договорот за дислокација на федералната армија од територијата на Република Македонија. Денес Армијата е составен дел од најголемиот колективен безбедносен систем откако Македонија во март 2020 година стана полноправна членка на НАТО.
Фото: Владо Мисајловски / Фејсбук