Почетна
Македонија

Нора Таравари предложена за доцент на Универзитетот „Мајка Тереза“, поднесени приговори

Рефератот ги оцени само поисбраната кандидатка и не го образложи исклучувањето на другите две пријави; постапката сè уште е отворена.

·Македонија
Нора Таравари предложена за доцент на Универзитетот „Мајка Тереза“, поднесени приговори

Рецензентската комисија при Универзитетот „Мајка Тереза“ ја предложи д-р Нора Таравари како единствена кандидатка која ги исполнува условите за избор во звањето доцент, одлука која предизвика приговори поради отсуство на образложение за исклучувањето на другите двајца кандидати.

Краток рок, опсежни барања и само една оценета апликација

Конкурсот беше објавен на 22 септември 2026 година, а рокот за поднесување документи траеше само три дена – до 25 септември. За учество се бараа девет документи, меѓу кои и здравствено уверение за работна способност. И покрај краткиот рок, пристигнаа три пријави: Нора Таравари, Дениз Мемеди и Ќазиме Шерифи. Веста за препораката е објавена во билтен број 88, каде што е оценета и образложена само апликацијата на Таравари.

Во рефератот на рецензентската комисија е наведено: „Комисијата ги прегледа поднесените пријави на тројцата кандидати и констатира дека единствено кандидатката д-р Нора Таравари ги исполнува општите услови за избор во наставно-научни звања согласно Законот за високо образование, со акцент на чл. 166 став 1 точка 2 од Законот за високо образование.“ На ниту едно место во документот не е објаснето зошто другите двајца кандидати се сметале за неисполнувачки.

Дел од јавноста побара објаснување и политички контекст. Пратеничката Саранда Имери Стафаи напиша на Фејсбук: "Според јавните податоци, ова е кандидат без претходно високообразовно искуство… Ако ова е стандардот за 'меритократија' и 'принципи' што ни ги проповеда Таравари, тогаш се чини дека критериумите се промениле.Толку од меритократијата. Толку од принципите ,"

Кандидатите кои не беа избрани го оспоруваат процесот. Ќазиме Шерифи поднесе приговор долг 11 страници, во кој бара наставно-научниот совет да ги прибави актите за избор на членовите на Комисијата и да утврди дали најмалку двајца од тројцата членови се избрани во иста научна област за која е распишан конкурсот. Таа го поставува и прашањето за материјалната законитост на вреднувањето, забележувајќи дека не е наведено со колкав просек ги завршила студиите, како и спротиставување на бодувањето на стручни трудови во коавторство.

Дениз Мемеди изјави дека поради итни семејни обврски не успеал навремено да поднесе приговор, но дека ги дели забелешките за пропусти во работата на комисијата. Тој истакна: "Согласно член 173, точка 8 од Законот за високото образование, комисијата има обврска да изготви писмен извештај за сите пријавени кандидати, при што треба да ги оцени достигнувањата на секој од нив. Во конкретниот случај, оценет е само еден кандидат, додека двете други апликации се заобиколени. Убеден сум дека надлежните органи на Универзитетот ќе ги утврдат пропустите и ќе ја вратат постапката на повторно разгледување, со цел сите кандидати да бидат оценети под еднакви услови и според исти критериуми "

Мемеди, меѓу другото, наведе и свои академски податоци кои ги приложил: "Додипломските студии по политички науки на Универзитетот на Југоисточна Европа ги завршив со просек 9,87, магистерските по дипломатија со просек 9,89, а докторските по политички науки и меѓународни односи на државниот Универзитетот „Јилдиз Техник“ во Турција со просек 9,51. Сметам дека моето академско образование во целост соодветствува на областа од отворениот конкурсот "

Во одговорот на приговорот објавен од рецензентската комисија, има дополнителни податоци само за предложената кандидатка Нора Таравари: "Кандидатката д-р Нора Таравари има завршено додипломски студии по право на Факултет за правни и политички науки на Универзитетот ФОН со просечен успех 8,82, како и магистерски студии по европска интеграција на УКИМ со просечен успех 8,75".

Ректоратот, предводен од ректорот Беким Фетаи, соопшти дека постапката за избор сè уште не е завршена и дека надлежните органи не донеле конечна одлука: "Ве известуваме дека постапката на избор по наведениот конкурс се уште е во тек, односно надлежните органи се уште немаат донесено конечна одлука за избор на кандидат. По завршувањето на постапката и донесувањето соодветна одлука од страна на надлежните органи, ќе бидеме во можноста да Ви доставиме подетални информации и одговори на поставените прашања "

Ќазиме Шерифи потврди дека веќе доставила жалба до Сенатот на Универзитетот и бара повторно оценување од нова комисија, со цел изборот да биде законит, објективен и транспарентен.

Фото: прес-материјал од настанот

Поврзани написи