Нова Клиничка болница во Штип повеќе од десет години стои недовршена
Проектот почна во 2016, но поради спорови, стечај и приоритети во пандемија работите застанаа; новиот план ја зголемува вредноста на €109 милиони.

Повеќе од десет години по почетокот на изградбата, новата Клиничка болница во Штип сè уште е недовршена и празна, и покрај смените на влади и повеќекратните најави за завршување на проектот.
Проектот почна во периодот кога премиер беше Никола Груевски; камен-темелникот беше поставен на 3 март 2016 година. Тогашниот технички премиер Емил Димитриев и министерот за здравство Никола Тодоров најавија дека инвестицијата ќе чини 56 милиони евра, од кои 30 милиони евра беа наменети за градежниот дел, а остатокот за медицинска опрема, со очекување болницата да профункционира за две до три години.
Стоп-старт градежни работи, спорови и стечај
Првите години изградбата напредуваше побрзо: објектот беше доведен до карабина, а грчката компанија „Интеракт“ заедно со главниот подизведувач ГП „Бетон“ започна со внатрешни инсталации и работа на фасадата. По смената на власта во 2017 година, активностите забавија. Несогласувањата меѓу инвеститорот и изведувачите, раскинувањата на договорите и судските и вонсудските постапки го запреа процесот. Ситуацијата дополнително се влоши откако ГП „Бетон“ отиде во стечај, што ги стопираше и работите на ФИНКИ и на други проекти што ги изведуваше фирмата; многу работници останаа без работа или заминаа во странство.
Коронакризата во 2020 година ги пренасочи приоритетите кон модуларни болници во поголемите градови, а објектот во Штип падна во заден план. Во следните години не беа покренати сериозни, долгорочни иницијативи за продолжување на изградбата. Во периодот помеѓу 2017 и 2025 проектот минуваше низ бројни политички и администативни промени: четири премиери (Никола Груевски, Зоран Заев, Димитар Ковачевски и Христијан Мицкоски), три технички премиери (Емил Димитриев, Оливер Спасовски и Талат Џафери) и осум министри за здравство, многумина со мандат пократок од една година.
Неколку министри за здравство ја посетија Штип, но повеќето се фокусираа на вработување нов кадар, наместо на заштитената, но недовршена зграда. Во некои блокови објектот стои без прозорци и врати, а делови немаат ниту заштитен покрив, што го остава објектот изложен на времето.
На 30 јули годинава министерот за здравство Сашо Клековски, градоначалникот на Штип Иван Јорданов и претседателката на Управниот одбор на болницата, д-р Билјана Ефтимова, извршија увид на терен заедно со претставници на Светската банка и Европската инвестициска банка. Клековски оцени дека до сега е изведен околу 30–40 проценти од проектот и дека Владата го смета неговото довршување за еден од приоритетите.
„По тригодишен тотален застој на работите, настојуваме како Министерство и како Влада да ги продолжиме работите и конечно овој капитален објект да биде ставен во функција во интерес на околу 300 илјади граѓани, особено во Источна Македонија. Во тек се сите тендерски постапки кои имаат меѓународен карактер и за два до три месеци треба да има епилог за избор и склучување договор со проверен меѓународен партнер. Во исто време се работи на постапките за набавка на новата опрема, особено за оперативните блокови предвидени со проектот за изградба на новата Клиничка болница во Штип“, рече Клековски кон крајот на јули.
Според министерот, Владата донела нов план и проект вреден 109 милиони евра, со поддршка од Светската банка, за целосно довршување и опремување на болницата; во планот е предвидена и изградба на нова зграда на Факултетот за медицински науки која треба да обезбедува кадар за болницата.
Фото: СДК.МК)