Нови седум осомничени во истрагата за пет тони марихуана
Бројот на осомничени во Македонија се искачи на 13; во Србија обвинение за уште шест лица.

Уште седуммина лица се осомничени во македонскиот дел од истрагата за шверцот на пет тони марихуана која беше откриена во Србија, со што вкупниот број на осомничени во Македонија се зголеми на 13. Во Србија пак е поднесено обвинение за уште шест лица.
ОЈО ГОКК ги опиша наводите за начинoт на шверцот
Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) го наведува дека новите осомничени, заедно со уште неидентификувани лица, според сознанијата организирале пренос на марихуана кон Србија и нејзино складирање во месноста Коњух кај Крушевац. Наводно, параван била фирмата „Алфафарм“ која имала лиценца за марихуана за објект во ОХИС, а еден од организаторите бил управител на фирмата.
„За таа цел користеле товарни возила и царински декларации со кои се прикажувало дека се превезува текстилна, прехранбена и друг вид стока. Откако наркотичната дрога ќе била пренесена преку државната граница, организирале нејзино складирање во месноста Коњух кај Крушевац, каде марихуаната се препакувала и дистрибуирала за натамошна продажба. Кај товарните возила со претходно царинета и пломбирана стока се отстранувала пломбата и се вадел дел од царинетата стока, а на нејзино место се ставале кутии со наркотична дрога марихуана со тежина приближно еднаква на тежината на извадената стока. Потоа товарното возило се упатувало кон ГП Табановце, при што било следено од некој од осомничените со патничко моторно возило“, соопшти ОЈО ГОКК.
Обвинителството додава дека описаниот начин на шверц бил користен при најмалку пет транспортни операции. Дел од осомничените се наоѓаат во бегство, додека двајца од првата група обвинети признаа вина, склучија спогодба и добија затворски казни од три и пол години и три години и осум месеци.
Осомничените, според пријавите, признале дека учествувале во операција за транспорт кај Свети Николе, каде од камион биле вадени прилепски перници наменети за извоз во Англија и на нивно место биле ставани исти кутии полни со марихуана. Случајот беше откриен кон крајот на јануари во Србија, а истрагите и меѓународната правна соработка продолжуваат.
Фото: прес-материјал од настанот