Објавени три повици за проекти и експерти за формирање на програмата „Скопје 2028“
Три повици за проекти, регистри на експерти и евалуатори; финансиска рамка од 3.000 до 150.000 евра и законско сплеткање по поднесениот предлог‑закон.

Фондацијата „Европска престолнина на културата – Скопје 2028" објави три први јавни повици кои ќе претставуваат основа за официјалната програма на „Скопје 2028“: повик за проектни предлози, повик за вклучување на домашни и меѓународни експерти за советодавна и програмска поддршка и повик за избор на независни евалуатори кои ќе ги оценуваат проектните предлози. Фондацијата посочува дека со овие повици се воспоставува и професионален и независен механизам за подготовка и оценување на програмата.
Повикот за проекти е насочен кон уметници, културни организации, јавни институции, универзитети, граѓански организации, креативни професионалци, културни оператори, претставници на креативните индустрии и локални заедници од Македонија, земјите членки на ЕУ и други земји подобни за учество. Паралелно се објавени и повици за независни домашни и меѓународни експерти кои ќе влезат во Регистарот на експерти за советодавна и програмска поддршка, како и Регистар на независни евалуатори.
Проектите се поделени во три категории според обемот и финансиската вредност: за мали проекти е предвидена поддршка од 3.000 до 9.999 евра, за средни проекти од 10.000 до 24.999 евра, а за големи проекти финансиската поддршка е од 25.000 до 150.000 евра. Деталните услови, критериумите, роковите и начинот на аплицирање се објавени на официјалната веб‑страница на Фондацијата.
Предлог‑законот и реакции
На 28 јули до Собранието по скратена постапка беше доставен Предлог‑закон за спроведување на проектот „Скопје – Европска престолнина на културата 2028 година", со кој се предлага и основање на Фондацијата „Европска престолнина на културата – Скопје 2028". Со предлогот се предвидува Законот за јавни набавки да не важи за трошењето на парите за проектот. За проектот е предвиден вкупен фонд од 21 милион евра, од кои 95 отсто се средства од државниот буџет и буџетот на Град Скопје, а 500.000 евра се од европски фондови. Постапките ќе ги спроведува Фондацијата, каде градоначалникот Орце Ѓорѓиевски за директор го назначи ексдиректорот на МРТ, Марјан Цветковски.
Веднаш уследија реакции од Платформата на граѓански организации за борба против корупцијата и од Антикорупциската комисија, кои побараа Предлог‑законот да се повлече како ризичен за злоупотреба на државни средства. На 31 јули премиерот Христијан Мицкоски изјави дека Предлог‑законот е повлечен и ќе оди на јавна дебата. СО КРИМИНАЛЕН ЗАКОН ВЛАСТА САКА И ВО „СКОПЈЕ 2028“ ДА ПЕРЕ ПАРИ КАКО ВО „СКОПЈЕ 2014", РЕЧЕ ЕКСМИНИСТЕРКАТА КОСТАДИНОВСКА‑СТОЈЧЕВСКА ВО ЧИЈ МАНДАТ БЕШЕ ДОБИЕНА ТИТУЛАТА.
За повиците директорот на Фондацијата, Марјан Цветковски, рече: “Со отворањето на овие три јавни повици започнува една од најважните фази во подготовката на 'Скопје 2028'. Сакам да ги повикам сите уметници, културни работници, организации и институции да ги достават своите идеи и проекти, а домашните и меѓународните експерти да го понудат своето знаење и искуство. Нашата цел е да создадеме квалитетна и современа програма во која ќе има простор за различни идеи, уметнички изрази и партнерства, но и јасни професионални критериуми во процесот на селекција. Затоа, паралелно со повикот за проекти, отвораме и повици за експерти и независни евалуатори. Верувам дека токму преку отворен процес и вклучување на што поголем број луѓе можеме да создадеме програма достојна за Скопје како Европска престолнина на културата во 2028 година и за европското значење на оваа титула”, изјави Марјан Цветковски, директор на Фондацијата.
Фото: К. Попов)