Почетна
Политика

Обвинителите ќе избираат наследник на Ислам Абази на 28 октомври

Башким Бесими го потпиша огласот и го испрати во Службен весник; рокот од 15 дена за пријавување почнува по објавувањето.

·Политика
Обвинителите ќе избираат наследник на Ислам Абази на 28 октомври

На 28 октомври обвинителите од сите обвинителства ќе гласаат за наследник на Ислам Абази за шеф на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, потврди Башким Бесими откако го потпиша и го испрати огласот за избор во Службен весник. Рокот од 15 дена за поднесување пријави почнува да тече по објавувањето на огласот.

Критериуми и правна рамка

Законот за јавно обвинителство предвидува дека за основен јавен обвинител на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција може да биде избрано лице кое има непрекинат работен стаж од најмалку шест години како јавен обвинител до моментот на пријавување за именување и кој е оценет со позитивна оценка во последните три години.

Во сила е закон со мандат од четири години и со право на реизбор. Предлог-измените кои се заглавени во собраниска процедура поради недостаток на двотретинско мнозинство предвидуваа мандат од шест години без право на реизбор; истите предвидуваа и дека изборите ќе се сметаат за успешни доколку на нив излезат повеќе од половина од вкупниот број на јавни обвинители.

На 28 октомври обвинителите ќе добијат втора шанса да го изберат шефот на ова специјализирано обвинителство. При првиот обид, од четири пријавени кандидати најмногу гласови доби Ислам Абази, но објавените фотографии на кои тој се гледа во друштво со роднини на лидерот на ДУИ Али Ахмети предизвикаа бурни реакции и сомнежи во јавноста.

Абази и тогаш и при своето последно појавување пред медиумите тврдел дека не заштитил ниту еден функционер од ДУИ и не ја исклучува можноста повторно да се кандидира.

Во изминатиот период обвинителството често беше на удар на критики од ВМРО-ДПМНЕ и од премиерот, особено по одлуката да ја запре постапката за милионската набавка на мазут, каде меѓу осомничените беа Ратко Капушевски, Асмир Јахоски (син на пратеникот на ДУИ Исмаил Јахоски) и поранешниот директор на ЕСМ Васко Ковачевски. Отворени се и неколку постапки против актуелни функционери, меѓу кои предмет за поткуп против тогашниот директор на Државниот инспекторат за земјоделство Васе Анакиев и истрага за злоупотреби со ИПАРД фондови во која меѓу обвинетите е поранешниот директор на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството Илија Стоилев. Под обвинение беше и поранешната претседателка на ДКСК Татјана Димитровска.

Меѓу клучните предизвици на обвинителството се и недоволниот буџет и недостатокот на кадри; Европската комисија во последниот извештај за напредок констатираше дека тие ресурси се недоволни за ефективно справување со корупцијата на високо ниво и организираниот криминал.

Елена Ивановска Мукоска
Б.С.

Фото: прес-материјал од настанот

Поврзани написи