Силјановска‑Давкова ќе иницира средба за мерки против родово насилство
Претседателката повикува на поширок општествен и институционален пристап и ќе собере пратенички, министри и НВО за мерки против насилството.

Претседателката Гордана Силјановска‑Давкова изјави дека се неопходни итни мерки за справување со родово базирано насилство, порачувајќи дека досегашните законски измени и институционални постапки не дале доволно резултати.
Прашана дали ќе побара од претседателот на Собранието на дневен ред да се стави законско решение за заштита на жените од родово базирано насилство — кое опозицијата тврди дека „од август стои во фиока“ — Силјановска‑Давкова оцени дека проблемот бара поширок општествен и институционален пристап.
Средба со пратенички, министри и претставници на невладин сектор
Таа најави дека ќе организира средба на која пратенички, министрики и претставници на невладиниот сектор ќе дискутираат за мерките за спречување на насилството врз жените.
Целта, како што рече претседателката, е да се надминат исклучиво правните решенија и да се разгледа како институциите и општеството заедно да обезбедат поефикасна превенција, заштита и поддршка за жртвите.
За сега не беше соопштен точен датум за состанокот. Силјановска‑Давкова нагласи дека неопходни се политичка волја и меѓусекторска соработка доколку државата вистински сака да го намали насилството врз жените.
Фото: прес-материјал од настанот


