Тренчевска: Законските измени за заштита на жените стојат во фиока од август – Тошковски има најголема политичка одговорност
Пратеничката побара итна седница на комисијата и ја обвини власта за неактивност по случајот со Сара од Охрид.

Пратеничката Јована Тренчевска од СДСМ на денешната прес‑конференција порача дека законските измени за спречување и заштита од насилство врз жените „стојат во фиока“ од август и побара веднаш да бидат ставени на дневен ред, откако случајот со Сара од Охрид повторно ги искажа сериозните институционални слабости.
Тренчевска бара итни мерки и седница на комисијата
„Итно ставање на дневен ред на измените на Законот за спречување и заштита од насилство врз жените кои стојат во фиока од август месец. Итна седница на Комисијата за еднакви можности на жените и мажите со присуство на Тошковски и Савески. Како жени нема да молчиме, туку силно ќе се спротивставиме. Нема да прифатиме во Македонија жените да живеат во страв, а насилниците да се чувствуваат недопирливи“, рече Тренчевска.
Таа нагласи дека институциите мора да преземат конкретна одговорност и да создадат систем кој ќе ги штити жртвите поактивно, наместо да постапуваат само откако ќе се случи трагедија или по силен притисок од јавноста.
„Државата мора да биде посилна од насилството, а институциите мора да бидат на страна на жртвите. Доста е од системски жртви, насилство врз жени, фемциди. Доста е од непостапувањата на Министерството за внатрешни работи, заштита на насилници, неказнивост само затоа што некој има врски со оваа криминална власт на локално или на централно ниво. Уште колку жртви се потребни за некој од власта да понесе одговорност?“, рече Тренчевска.
Тренчевска посочи дека министерот за внатрешни работи Панче Тошковски сноси најголема политичка одговорност за потфрлувањата во превенцијата, непостапувањата на МВР и заштитата на насилниците. „Панче Тошковски има најголема политичка одговорност за потфрлување на превенцијата за непостапување на МВР и заштита на криминалците. Одамна требаше да си поднесе оставка, а не да чека. Позади секоја жртва на фемцид стојат бројни нерасчистени пријави и непостапувања. Последниот случај со насилството врз Сара од Охрид повторно потврди дека институциите не функционираат, не ја гарантираат безбедноста на жените и служат само како инструмент на власта за заштита од одговорност“, рече Трнчевска.
Пратеничката побара итна седница на Комисијата за еднакви можности со присуство на надлежните и предупреди дека жените нема да молчат додека не се спроведат законските и институционалните промени.
Фото: прес-материјал од настанот


