Тренчевска бара оставка од Панче Тошковски по случајот со претепаната Сара
Тренчевска побара проширување на истрагата и најстроги казни и за оние кои помогнале да се прикрие делото.

Пратеничката и потпретседателка на СДСМ, Јована Тренчевска, на прес-конференција рече дека министерот за внатрешни работи Панче Тошковски сноси најголема политичка одговорност за потфрлувањето во превенцијата, непостапувањето на МВР и заштитата на насилниците, и дека одамна требаше да си поднесе оставка.
Барање за проширување на истрагата и санкции
Реагирајќи по случајот со претепаната девојка Сара во Охрид, Тренчевска истакна дека настанот повторно потврдува оти институциите не ја гарантираат безбедноста на жените и дека почнуваат да постапуваат дури откако ќе се соочат со силен притисок од јавноста.
„Да не беше брзата гневна реакција на граѓаните, на невладините организации и на СДСМ, ќе ја видевме старата шема на ВМРО – жртвата во болница и страв за својот живот, а насилникот на слобода поради врски со локалните вмровски функционери. Па откако јавноста гневно реагираше, под притисок се загрижија за себе и реагираа. Го сменија обвинителот, сменија одлука, одеднаш им текна на нови околности и го однесоа во притвор. Тоа не е систем, туку партиска контрола која работи по наредби од горе“, рече Тренчевска, потсетувајќи и на други трагични случаи и фемициди во земјава.
На прес-конференцијата Тренчевска упати барање до премиерот Христијан Мицкоски, министерот Панче Тошковски и државниот јавен обвинител Ненад Савески за проширување на истрагата и најстроги казни не само за насилникот туку и за сите што му помагале да ги прикријат делото и доказите.
„Насилникот од Охрид не е сам. Има родители кои сугерирале да се ослободи од делото и да го забошотат, има обвинител кој не постапил. Бараме одговорност за сите пропусти и санкции за МВР, обвинителството и судот“, нагласи Тренчевска.
Како пратеничка група на СДСМ и коалициските партнери, Тренчевска рече дека ќе бараат итно донесување на заклучоците од надзорната расправа кои ќе овозможуваат функционалност на системот, не со укажување, не со препораки, туку со задолжување на институциите. Бараат и итно ставање на дневен ред на измените на Законот за спречување и заштита од насилство врз жените, кои, според партијата, стојат во фиока од август, како и свикување итна седница на собраниската Комисија за еднакви можности на жените и мажите, на која ќе се бара присуство на министерот Тошковски и обвинителот Савески.
„Нема да прифатиме во Македонија жените да живеат во страв, а насилниците да се чувствуваат недопирливи. Државата мора да биде посилна од насилството, а институциите мора да бидат на страна на жртвите“, додаде Тренчевска.
Форумот на жени на СДСМ вчера најави дека денеска во 18 часот пред СВР Охрид ќе организира протест во знак на поддршка на младата Сара и на сите жени жртви на насилство, и упати повик до жителите на Охрид да се приклучат и да испратат јасна порака дека насилството, прикривањето и заштитата на насилниците мора да престанат.
Фото: прес-материјал од настанот


