Почетна
Политика

Сиљановска‑Давкова предлага објавување фотографии од насилници во Народната канцеларија

Претседателката повика на итни заеднички мерки против родово базираното насилство по серија напади врз жени.

·Политика
Сиљановска‑Давкова предлага објавување фотографии од насилници во Народната канцеларија

Претседателката Гордана Сиљановска‑Давкова предложи во Народната канцеларија во Скопје да се објавуваат фотографии од лица осомничени за насилство како дел од повикот за итни мерки против родово базираното насилство.

По дебатата во Собранието по повод 35 години од донесувањето на првиот Устав, претседателката оцени дека досегашните законски измени и институционални напори не ја намалиле насилството врз жените и повика на заедничко брзо дејствување. „За жал, не се намалува темпото на загрозување, на непочитување на женскиот живот. Дури си велам да не треба самите да почнеме да се заштитуваме и што е по мене во моментов можеби најнеопходно?“, рече таа.

Потребен меѓуинституционален одговор

На новинарско прашање дали ќе побара да се стави на дневен ред законско решение за заштита на жените од родово базирано насилство — за кое опозицијата тврди дека "од август стои во фиока" — Сиљановска‑Давкова нагласи дека проблемот бара поширок општествен и институционален пристап и се понуди да го организира потребниот собир.

„Најнеопходно е прво да седнеме сите заедно, јас сум подготвена тоа да го организирам. Оние што ги менуваат законите, пратениците и пратеничките пред сè, невладиниот сектор, експертите, добредојдени се и малкуте жени во власта. Мислам дека под итно треба да преземеме чекори оти ова стана како епидемија“, изјави претседателката.

Таа посочи дека и покрај измените во Кривичниот законик, законите поврзани со Истанбулската конвенција и низа средби меѓу институциите и експертите, случаите на насилство не се намалуваат. Како еден од радикалните предлози ја спомна идејата да се објавуваат фотографии од злоставувачите во Народната канцеларија, нагласувајќи дека не знае како поинаку да ја сензибилизира јавноста.

„Јас веќе не знам како да ја сензибилизираме јавноста. Таа е сензибилизирана, но проблемот е многу подлабок. Особено мислев дека по смртта на едно дете мажите ќе се освестат. Затоа и реков дека се покажа дека не се доволни само нормативните решенија. Се чини дека треба да се обидеме да преземеме активности, да ги преиспитаме, да си поставиме планови и секојдневно да бидеме активни. Јас не гледам друго решение“, додаде таа.

Невладините организации бараат одговорност и создавање силни мрежи за поддршка на жените во судството, Министерството за внатрешни работи, центрите за социјална работа, во парламентот, Владата и во граѓанскиот сектор, предупредувајќи дека насилството не е поврзано само со сиромаштијата и може да го изврши и лице со наизглед исполнети животни услови.

Фото: МИА

Поврзани написи