Обвинителство: Се вршат претреси на 32 локации во Скопје – вклучени и простории на МВР
Јавното обвинителство и МВР спроведуваат акции и претреси поради сомнежи за фалсификување и незаконско издавање Ц/Д возачки дозволи.

Републичкото Јавно обвинителство соопшти дека денеска се вршат претреси на 32 локации во Скопје во рамки на акција поврзана со сомнежи за незаконско издавање и фалсификување возачки дозволи за Ц и Д категорија.
„Врз основа на наредби од судија на претходна постапка, обезбедени по барање на јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје денеска се вршат претреси на 32 локации во Скопје, на лица, домови и службени простории во МВР. Се преземаат и други дејствија заради обезбедување докази поради сомненија за кривично дело – фалсификување исправа од член 378 од Кривичниот законик“, велат од републичкото Јавно обвинителство.
МВР потврдува координирана акција
Министерството за внатрешни работи потврди дека се спроведува нова координирана акција поради сомнежи за незаконско издавање и фалсификување возачки дозволи за Ц и Д категорија, односно за управување со товарно возило и автобус.
Од надлежните наведуваат дека претресите се извршуваат и на приватни адреси, но и во службени простории во МВР со цел расчистување на случајот и обезбедување материјални докази. Повеќе оперативни информации засега не се објавуваат додека акцијата не заврши.
Некои медиуми, повикувајќи се на неофицијални извори, објавија дека има приведени лица и дека меѓу осомничените се и вработени во МВР, како и возачи кои наводно управувале автобуси и тешки товарни возила со фалсификувани дозволи во и надвор од државата. Ниту Обвинителството, ниту полицијата официјално не потврдуваат информации за притвори.
Акцијата доаѓа по откриената истрага на Внатрешната контрола на МВР што беше обелоденета минатиот месец за додавaње на Ц и Д категории на лицни кои никогаш не полагале за тие категории. Според објави кон крајот на август, за незаконско додавање на Ц или Д-категорија наводно се наплаќале по 1 400 евра.
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски на телевизиско гостување на 27 август потврди дека полицијата постапува по конкретни информации и изјави: "секој што ја злоупотребил довербата на македонските граѓани и го оцрнил образот на Министерството за внатрешни работи (МВР) ќе биде најстрого санкциониран."
Фото: прес-материјал од настанот


