Стопанската комора и Министерството презентираа дигитални услуги за компании
На средба иницирана од претседателот на Комората беа претставени практичните придобивки од новите дигитални услуги за поедноставување на административните постапки.

На иницијатива на претседателот на Стопанската комора, Бранко Азески, пред компании членки беше организирана презентација на достапните дигитални услуги, решенија и можности кои ги нуди Министерството за дигитална трансформација.
На собирот претставниците од бизнис секторот имаа можност да слушнат за практичните придобивки од новите услуги, како тие можат да ги поедностават административните процедури и да ја зголемат ефикасноста во работењето.
Министерството ќе ги разгледа предлозите, дел решенија се очекуваат наскоро
Бранко Азески ја поцени значајноста на темата за Владата и призна дека во првата година не биле создадени услови за побрза имплементација. „Ова прашање доминантно е и во работата на Владата, исклучително ја ценам Вашата искреност да кажете јавно дека во првата година, сепак, не беа создадени услови за реализација и имплементација за онака како што сакате и дека сега сме во состојба да констатираме дека можеме со една агенда во која ќе бидат утврдени носителите роковите и заедничко дејствување да направиме чекор напред. Значи никого не треба да убедуваме, и малите деца знаат дека без оваа област не можеме да одиме напред. Ниту во конкурентноста на нашите производи, ниту надвор од земјата, ниту во развивање на бизнисот внатре во земјата“, изјави Бранко Азески , претседател на Стопанска комора на Македонија .
Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, рече дека тимот ги анализирал и собрало предлозите и најави дека за дел од нив наскоро ќе има позитивни решенија. „Сите предлози кои што ги дадоа претставниците на Комората, мојот тим ги анализира ги собра и за дел од нив веќе можам да кажам дека ќе има позитивно решение за многу кусо време, а за дел од нив ќе треба поголема дискусија, поголема анализа за која што секако ќе ја информираме јавноста“, изјави Стефан Андоновски , министер за дигитална трансформација.
На состанокот бизнисмените поставија прашања поврзани со роковите за реализација и конкретните ефекти од дигиталните услуги, а присутните од министерството најавија континуирана комуникација и информирање за напредокот на предлозите.
Фото: прес-материјал од настанот


