Обвинителството ќе координира тим од полициски инспектори и социјални работници за случаите на семејно насилство
На состанок во Јавното обвинителство на 20 ноември 2026 се договорија брзи и стандардирани постапки за заштита и гонење.

Јавниот обвинител Ненад Савески на 20 ноември 2026 година одржа работен состанок во Јавното обвинителство со министерот за внатрешни работи Панче Тошковски и министерот за социјална политика, демографија и млади Ѓоко Велковски, на кој договорија конкретни мерки за побрза институционална реакција во случаите на семејно и родово базирано насилство.
Тимови со полицајци и социјални работници, итни вештачења
Според протоколот што беше усвоен, Министерството за внатрешни работи ќе го известува надлежното јавно обвинителство веднаш по приемот на пријава за семејно насилство. Јавниот обвинител ќе ја координира работата на тим составен од полициски инспектори и стручни лица од центрите за социјална работа, со цел навремено и усогласено постапување.
Мерките предвидуваат итно обезбедување вештачења за утврдување евентуални повреди, процена на ризикот и прибирање на потребни докази за побрзо донесување обвинителска одлука и преземање дејствија за кривично гонење.
Трите институции ќе одредат контакт‑лица кои ќе бидат постојано достапни за меѓусебна комуникација, координација и давање итни насоки. Постапувањето ќе се спроведува според стандардизирани процедури со јасно утврдени надлежности и одговорности.
Од институциите посочуваат дека мерките се договорени во услови на загрижувачки трендови кај кривичните дела поврзани со семејното насилство и дека со нив се очекува побрза реакција, навремена заштита и згрижување на жртвите, како и поефикасно процесуирање на сторителите.
Министерот Тошковски на својот фејсбук‑профил порача дека секоја пријава за семејно насилство мора да се сфати сериозно, секоја жртва да добие навремена заштита, а сторителите да понесат одговорност. „Семејното насилство не е приватна работа. Тоа е сериозен проблем на кој државата мора да одговори одлучно, координирано и без одлагање. Наш приоритет е да ги заштитиме жртвите, да спречиме повторување на насилството и да обезбедиме сторителите навремено да бидат изведени пред лицето на правдата. Ниту една пријава не смее да биде потценета. Ниту една жртва не смее да биде оставена сама“, напиша Тошковски.
Побарувањата за поефикасна институционална заштита добија и глас на протестот пред Владата во организација на иницијативата „Ниту една повеќе“, каде учесничките носеа транспаренти со пораки „Мал престап жени убива, брат“ и „Кој ви даде право да нè убивате“ и скандираа „Сите за една, една за сите“ и „Жени, живот, слобода“.
Постојаната координаторка на Обединетите нации во Северна Македонија, Рита Колумбија, во авторска колумна предупреди дека родово базираното насилство прераснува во национална вонредна состојба, наведувајќи дека бројот на пријавени случаи годинава е зголемен за 70 отсто и повикувајќи на итен и координиран институционален одговор.
Фото: Јавно обвинителство


